Меѓу зографите сликари што имаат значаен придонес за развојот на македонската ликовна уметност во втората половина на 19 и почетокот на 20 век е Ѓорѓи Зографски
Национална галерија на Македонија ја најави јубилејната изложба „Ѓорѓи Зографски (1871-1945), 150 години од раѓањето“ во Националната галерија, објект „Чифте-амам“, за 3 ноември, во 19 часот. На изложбата ќе бидат претставени педесетина дела (икони и слики) од сите творечки фази на авторот. Тие се дел од колекциите на Националната галерија, Народен музеј – Велес, црквите „Св. Пантелејмон“, „Св. Спас“, „Св. Димитрија“ и „Успение Богородичино“ – Велес, семејството Зографски, како и голем дел приватни сопственици, на кои длабоко им благодариме за соработката, информираат од Националната галерија.
Кураторки на изложбата се Славица Алексоска и Маја Неделкоска Брзанова.
Изложбата ќе трае до 26 ноември.
– Меѓу зографите сликари што имаат значаен придонес за развојот на македонската ликовна уметност во втората половина на 19 и почетокот на 20 век е Ѓорѓи Зографски, последниот зограф од семејството Рензовци, кој заедно со Димитар Андонов Папрадишки, првпат кон крајот на 19 век го направи историскиот пресврт поврзувајќи ги двете епохи во македонското сликарство: последните нишки во религиозното сликарство со првите обиди за сликање профани теми. Тоа е период обележан со напуштање на поствизантискиот иконопис и живопис во интерес на скромната појава на модернизмот во македонското сликарство – посочуваат од Националната галерија.
Во целокупната творечка активност на Ѓорги Зографски, црковното сликарство, особено иконописот, е негова главна преокупација во која се наоѓал себеси, а истовремено наоѓал и сигурен извор за егзистенција на неговото семејство.
Неговата зографска активност започнала во тајфата на неговиот татко Јаков, во која заедно со необразовани и самоуки зографи сликал во духот на конзервативниот и конвенционалниот традиционализам, користејќи ја семејната Ерминија, наследена од неговите претходници. На почетокот работел под влијание на византиското и поствизантиското сликарство, главни примери му биле иконописот и живописот во македонските цркви и манастири, а посебно влијание врз неговото творештвото имале Дичо Зограф и Димитар Андонов Папрадишки. Престојот на Зографски во Петроград и во Москва во 1887 година е од пресудно значење за неговиот развоен пат во животот и творештвото. Својата необразованост тој ја надоместува преку контактите со тамошните академски сликари и изразената реакција против застарените гледања на уметноста, особено при неговиот престој во Софија, каде што настануваат коренити промени во сликарството под влијание на академски образованите сликари, кои позитивно дејствувале врз конечната определба на Зографски кон обработката на теми со профана содржина.
Еден од првите портрети што Зографски го насликал во 1894 година е „Женскиот портрет“. Мошне грижливо и педантно е изведена пластичноста на лицето, со маслинести тонови, освежени со руменило. Целото внимание Зографски го посветил на обработката на главата: мека коса, крупни очи, правилни веѓи и чисто лице. Зографски насликал уште педесетина портрети на свои блиски, како и портрети на видни личности од Македонија и од Србија.
Неговото сликарство, освен портрети, опфаќа историски композиции, пејзажи и мртва природа.