Театарот за деца и младинци премиерно ја изведе детската куклена претстава „Јованче и Марика“ во режија на Давор Драгојевиќ од Црна Гора, според драматизацијата на Дарко Ковачевски и Надја Василевска.
„Јованче и Марика“ е германска народна бајка во адаптација на браќата Грим. Јованче и Марика се деца на сиромашен столар. Стравувајќи од гладта, нивната маќеа го убедува нивниот татко, да се ослободи од децата на тој начин што ќе ги однесе во шумата и ќе ги остави таму. Јованче и Марика дознаваат за планот и фрлат бели камчиња на патот за да се вратат дома. Така, тие се враќаат дома, меѓутоа столарот одлучува да ги врати повторно во шумата , а двајцата, немајќи време да ги соберат камењата, со себе понесуваат лебни трошки за да го означат патот. За жал, гладните животни ги јадат трошките и Јованче и Марика се изгубени во шумата.
Сценографијата и костимографијата е на Надја Василева Ковачевска, а композитор на музиката е Љупчо Мирковски. Во претставата играат: Катарина Илиевска Силјановска (Јованче), Марија Ѓорѓијовска (Марика), Драган Довлев (таткото), Ана Левајковиќ Бошков (вештерката) и Ангела Димитрова (гуската).
– Дали бајка може да опстане, во денешниот свет, кога на децата им се нудат најразлични содржини? Дали може да парира на современата технологија, на компјутерските игри, на 3Д анимацијата? Секако дека може и тоа токму во театарот – изјави режисерот Давор Драгојевиќ, кој е директор на Фестивалот за куклен театар во Подгорица.
Претставата „Јованче и Марика“ е посветена на Дарко Ковачевски, кој првично требаше да ја режира, но поради здравствени причини беше принуден да се откаже.