Зборник во кој ќе бидат застапени 35 млади поети од просторите на поранешна Југославија ќе биде промовиран на Саемот за славистика, кој ќе се одржи на универзитетот „Сорбона“ во Париз, Франција, на 16 и 17 април, 2021 година.

Универзитетот „Сорбона“ во Париз

Во Зборникот, кој ќе биде на француски јазик, за првпат ќе биде застапен македонски поет, Ѓоко Здравески.

– За жал, немавме Македонци на факултетот и немавме можност да направиме нешто повеќе поврзано со Македонија, ама со оглед на тоа дека Македонците ни се важни, и со помош на Валентина Бактијаревиќ, успеавме да додадеме уште едно име во Зборникот, кој го уредуваме јас и Јелена Михајловиќ, а тоа е Ѓоко Здравески, еден од најталентираните современи поети од Македонија – вели уредникот и преведувач Живко Влаховиќ.

Амбасадорката Јадранка Чаушевска Димов му посака топло добредојде на Здравески, новиот лектор по македонски јазик на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации во Париз (ИНАЛКО)

Покрај Здравески, во Зборникот ќе се најдат и еминентни поетски имиња, како што се Мехмед Бегиќ, Владан Кречковиќ, Лара Митраковиќ, Марија Дејановиќ, Горан Чолакхоџиќ, Амина Хрнчиќ, Моника Херцег и многу други.

Саемот е во организација на здружението „Славитуде“, чиј претседател е Живко Влаховиќ. Саемот ќе го отвори чешкиот лингвист Мирослав Верпек и младата српска уметница Милена Ивановиќ.

На саемот ќе се одржат повеќе културни настани, како што се проекции на филмови и изложби, како и повеќе конференции.

– Саемот ќе се одржи рано, а секоја држава ќе има свои пет минути. Македонија досега не ги имаше, меѓутоа овојпат ќе ги добие зашто Ѓоко Здравески ќе биде на „Сорбона“ на 17 април и ќе учествува на конференцијата на млади поети, со што ќе ја претстави Македонија – додава Влаховиќ.

Б.Ст.