Изложбата „Pефлексии на новата реалност“, шеста самостојна изложба на Лазе Трипков, ќе биде отворена утревечер, во 19 часот, во „Мала станица“. Изложбата се осврнува кон приоритетните проблеми на новото време. Постојано сме опкружени со информации поврзани со пандемијата и ковид-19. Тоа нѐ принудува да ги ограничиме нашите социјални потреби, па секојдневието полека ни станува „дигитално“.
За време на изолација во април 2020 г., Трипков започна со својот визуелен проект под наслов „Изолациско расположение – креативни рефлексии“, кој привлече сериозно внимание дома, како и пошироко, па делата што беа креирани од тој период, веќе беа изложени во неколку држави. Сите плакати или визуелни размислувања се лична рефлексија и се одраз на лични доживувања. Доминираат пејзажите, можеби поради карантинот, а има многу колажи и колажни експресии што имаат цел да го манифестираат ставот на Трипков кон изолацијата и дополнитeлно да помогнат во артикулацијата на неговиот личен развој како визуелен уметник. Социјалниот и емотивниот немир беа водилка и поддршка во неговата креативна игра на симболи, значења, визуелна поетика, експресија, обиди за минималистичко промислување, естетско усовршување…
– Преку оваа изложба/проект ќе се обидам да иницирам дуел меѓу уметноста во галеријата (галерија како физички простор) и галеријата во виртуелна реалност (виртуелен галериски простор). Посетителот ќе има директна можност покрај изложените плакати и сам да управува со содржината на делата. Преку посебно креирана платформа за виртуелна реалност, со помош на ВР-технологија, секој ќе може да нурне во моите визуелни рефлексии, да ги обликува и да раководи со содржината, да ја модифицира, користејќи ги постојните форми од плакатите – истакнува Трипков.
Првпат во музеите во Македонија ќе може да се погледне изложба што има трансмедијален карактер, кој поттикнува технолошка и директна интеракција на посетителот и авторот, преку неговите дела, а интензивирано преку виар-технологија.
Ана Франговска е кураторка на проектот.