Паралелно со ископувањата на археолошката сонда се вршат и археоботанички анализи од меѓународен тим, кој има цел да ги следи формите на исхрана во неолитската населба. Ваквиот мултидисциплинарен пристап овозможува да се направи целосен увид во животот на првите земјоделски заедници што го населиле овој дел од Пелагонија пред 8.000 години
И оваа година се вршат истражувања на локалитетот Врбјанска Чука во Прилепско, кои се во полн ек. Веќе шеста година ископувањата се насочени кон дефинирање на неолитската населба и на континуитетот на овој локалитет во антиката и средниот век. Поради тоа, оваа археолошка кампања се концентрира на најраните археолошки слоеви и првите градби формирани на него, како и на античките и средновековните јами, кои му даваат сосема друга димензија на локалитетот.
– Меѓу неолитските градби ќе се регистрираат технолошките аспекти на архитектурата и содржината на структурите во нив, додека подоцнежните јами и евентуалните погребувања (вообичаени за овој локалитет) ќе се проучуваат во рамките на нивниот стопански, обреден и просторен карактер – вели археологот Гоце Наумов, раководител на истражувањата.
Паралелно со ископувањата на археолошката сонда се вршат и археоботанички анализи од меѓународен тим, кој има цел да ги следи формите на исхрана во неолитската населба.
– На тој начин се прави реконструкција на активностите во градбите, но исто така и на пејзажот што ја опкружувал оваа тумба. Ваквиот мултидисциплинарен пристап, вообичаен за истражувањата на Врбјанска Чука, овозможува да се направи целосен увид во животот на првите земјоделски заедници што го населиле овој дел од Пелагонија пред 8.000 години – додава Наумов.
На крајот од годинашните истражувањата, на 29 август, планиран е концерт на самиот локалитет, кој ќе биде отворен за сите заинтересирани љубители на далечното минато и музиката. Веќе традиционално, на овие концерти настапуваат врвни македонски музичари што на специфичен начин ги спојуваат древните остатоци и мистичните мелодии. Како и во претходните години, така и оваа, локалното население, но и гостите од другите делови на Македонија, ќе имаат можност да слушнат кратко предавање за Врбјанска Чука и да уживаат во зајдисонцето со современа етноамбиентална музика.
Мултидисциплинарниот проект е во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Заводот и музеј – Прилеп, Институтот за старословенска култура – Прилеп и Универзитетот во Базел, и во него се вклучени стручњаци и студенти од Македонија, Германија, Шпанија, Швајцарија, Србија и од Турција.