Специјално за „Нова Македонија“ ги објавуваме сеќавањето на Јордан Плевнеш за Шарл Азнавур и дел од беседата со која на 2 јули 2009 година тој беше прогласен за почесен доктор во салата на Кинотеката на Македонија

На 5 октомври, кога двете негови татковини, Франција и Ерменија, му оддадоа последна почит на Шарл Азнавур во Домот на инвалидите во Париз, во тажната асемблеа на претставници од над стотина земји беше и македонскиот писател и ректор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Јордан Плевнеш, долгогодишен пријател на светската музичка легенда. Специјално за „Нова Македонија“ ги објавуваме сеќавањето на Јордан Плевнеш за Шарл Азнавур и дел од беседата со која на 2 јули 2009 година тој беше прогласен за почесен доктор во салата на Кинотеката на Македонија.

„…Нашата прва средба со Азнавур беше во почетокот на 1990-тите години, во ’Античкиот Париз’ на улицата Муфтар, кога мојот пријател, поетот Жан-Марк Нател, ме покани да присуствувам на врачувањето на една стара фотографија, направена 1961 година, на која се заедно Жак Превер, Шарл Азнавур и Жан-Марк Нател.

Фотографијата требаше да биде испратена во Токио, Јапонија, каде што еден голем музички издавач објавуваше монографија за Азнавур.

Ете таа фотографија се претвори во симбол на нашето тридецениско пријателство. Прво го снимивме документарниот филм посветен на неговиот поглед на светската историја низ музиката, што Македонската радио-телевизија го емитуваше во безброј репризи. Во 2002 година беше специјален гостин на инаугурацијата на мермерната плоча по повод стогодишнината од излегувањето на весникот ’Македонско движење’, што се наоѓа на булеварот Распај, наспроти скулптурата на Роден посветена на Балзак. Потоа го подготвивме неговото доаѓање во Македонија, во летото 2009 година, кога нашиот универзитет беше прв во Европа што го прогласи за почесен доктор.

Тоа лето тој сакаше да види сѐ во Македонија, и амфитеатрите, и ранохристијанските обележја, и средновековните фрески, сакаше да ја открие на самото место големата трансверзала на поврзаност помеѓу Македонија и Ерменија, во нивната заедничка борба за национална држава, во времето кога Жан Жорес говореше на митинзите во Париз: ’Човештвото веќе не може да живее со лешот на еден народ погребен во својот подрум’. Од Нерези бевме до Стоби, од Стоби до Преспа, Битола и Крушево. Во Скопје на неговото прогласување дојде ерменската заедница, која му ја изрази својата бескрајна љубов. Беше објавено издание на неговата поезија ’Интимна антологија’, што го приредија Маргарита Терезијан-Маленкова и Љиљана Котевска-Плевнеш.
Во Охрид беше пречекан како светска легенда на ’Францускиот филмски фестивал’ и го овенчавме со ’златната маска од Требениште’ за животно дело.

Ќе останат многу средби и мигови што не се забораваат од неговиот престој во Македонија, јас ќе споменам само две клучни точки: првата е кога во Амфитеатарот во Охрид на ерменски и на француски јазик го акламираше стихот од неговата бесмртна песна ’Јас сум син на еден народ, кој со векови непотребен спие’.

Втората се случи во резиденцијата на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, каде што ни раскажуваше за неговите лични средби со најзначајните државници од сите пет континенти, и во тој миг пред поголемиот број гости од различни страни на светот го прашав што мисли за нашиот долгогодишен спор за името, што Грција го има со нас. Завладеа голема тишина на масата. Со своето неповторливо вибрато тој рече: ’Никогаш не треба да се откажете од вашето име Република Македонија, од причини што вие никого не загрозувате, ни од соседите, ни од светот!’

Неговата голема желба беше да ги покани сите свои пријатели, пролетта 2024 година, во Ереван, за да го прослави својот стоти роденден.

Драги Шарл, ако сум жив ти ветувам дека со сите твои пријатели ќе ја исполниме твојата желба, бидејќи твојот глас, твоето дело и твојата одисеја отсега влегуваат во бесмртните трезори на светската уметничка меморија“.


Беседа за Шарл Азнавур

Господине Шарл Азнавур,
Уште од мигот на вашето раѓање
На ул. „Господинот Принц“ во Париз,
Од родители емигранти од Ерменија
Земјата маченик, како никој друг,
Во периодот меѓу двете војни
Кога Европа беше претворена
Во морничава продукција на смрт
Уште како дете,
Вие тргнавте по Патот на песната
Како ходочасник на надежта што никогаш не умира
Со вашето единствено наследство,
Вашиот единствен и од никого не повторен глас
Вашите зборови измислени во ветерот
Што сееја и сеат и тогаш и секогаш
Живот и љубов што на француски се римува со Амур
Азнавуријан, Азнавур, Азнавур

Вие прокрстаривте низ два века
Низ два милениуми
Вие сте планетарен феномен на сите пет континенти
По вашиот глас Ве препознаваат дури и во шумите
на Амазонија

Дури и во вечните снегови на Сибир
Во нигде ѕирка ни проѕирка на осамените
Независно дали се во Њујорк, Пекинг или Токио
Вие сте вистински и повеќе од вистински
Вие сте прекрасен и повеќе од прекрасен
Граѓанин на Светот

Вие пеете во срцето на сите жители на Планетава
Затоа Македонија Ве пречекува како Принц и како Син
Во оваа Земја – Татковина
Добредојдовте Принцу
Во оваа земја која е исто расфрлена по меридијаните
Како нашите соништа растурени на сите страни
Бидејќи Пабло Неруда
Што овде дојде пред Вас велеше:
„Во наследство ти ги оставам моите рани“

И еве Вашата фамилија се собира
Пред Вас, пред нас
Има еден Рапсод што пее со античките хорови
Има еден божествен глас од храмот во Ерусалим
Ене го таму во бескрајот
Свети Јован Крстител што пее во пустината
И така минуваме со Вас во епохата наречена Модерна
Кога Вие ја пеете „Ла Мама“
Имаме чувство дека плаче целото човештво
Вие сте обединувач на сите разединети
Махмуд Дарвиш, поетот од Палестина
Ми велеше пред да умре,
Дека очите на неговата мајка
Се исти со очите на мајката на Јехуда Амихаи –
поет од Израел
„Ла Мама“ плаче еднакво и за Ерменија и за Турција
Дури и солзите на Македонија не се различни од
солзите на Грција
Тие се влеваат во Медитеранот
Како да се влеваат во витлите на историјата,
На човечкиот заборав
Просто имаме чувство
Дека со Вашиот глас Вие создавате чуда
Кои што можат да ги трансформираат колективните
трагедии
Во колективна музичка традиција
Бидејќи поетот во Вас се разбудува
Секогаш во Хомеричките мугри
„Јас сум син на еден народ што со векови
непогребан спие“

Јордан Плевнеш