Оваа вечер има за цел да направи пресек на уметничкиот и едукативниот современ танцов процес. Публиката ќе има можност да ги види работниот процес на студентите при ФМУ и самостојното дело на Урсула Еагли, остварено во склоп со кореографското дело на Шукарова, а насловено „Чудна шума“
Искра Шукарова, кореографка и професорка на Факултетот за музичка уметност, и Урсула Еагли, кореографка од САД, заедно со студентите од Катедрата за современ танц при ФМУ, на 29 април (недела) со современ танцов перформанс ќе го одбележат Меѓународниот ден на танцот. Настанот ќе почне во 20 часот, најпрвин во фоајето, а потоа ќе продолжи во Камерната сала на Македонската филхармонија.
Оваа вечер има за цел да направи пресек на уметничкиот и едукативниот современ танцов процес. Публиката ќе има можност да ги види работниот процес на студентите при ФМУ и самостојното дело на Урсула Еагли, остварено во склоп со кореографското дело на Шукарова, а насловено „Чудна шума“.
На овој современ танцов настан е поканет музичкиот уметник Џијан Емин, кој ќе биде вклучен како соработник во креирањето на музичкиот концепт. Заедно со Јошико Чума од Јапонија, Џијан Емин во 2007 година во Њујорк веќе оствари соработка со Шукарова и со Еагли на проектот „Страница надвор од редот“.
Еагли и Шукарова првпат ги соединија своите креативни сили во Њујорк, заедно со Јошико Чума. Две години по нивната соработка, тие лансираа заеднички проект исто така во Њујорк, во 2008 година. Заедно соработуваа и во 2010 година во Драмскиот театар во Скопје, со поддршка на „Денс тиатар воркшоп сјуткејс фанд“, потоа во 2011-та како дел од „Њујорк перформанс микс фестивал“ и со поддршка на „Траст фор мјучуал андерстендинг“ и во 2015 година како дел од фестивалот „Локомоушн“ во Скопје.
Програмата што ќе биде претставена на Денот на танцот, 29 април, ќе биде изведена како перформанс на кој, како што велат и двете кореографки, ќе се обидат да ја воспостават нишката на структурираното општествено живеење, пренесувајќи ја публиката низ суспендираните магични базени од сласни танци. Во проектот „Чудна шума“ учествуваат: Урсула Еагли, Искра Шукарова, Деана Антевска, Јована Јанчовска, Бојан Мицев, Јана Петровска, Росана Стефанова, Ана Маркоска, Марија Ристеска, Теодора Ежовска, Христина Ангеловска, Стефанија Лефтеровска, Милена Гаврилова, Тања Василевска, Елена Костадинова, Бисера Димчева, Ангела Костадиновска и Олга Серафимова.
Наедно, на овој настан ќе биде промовирана и работата на Катедрата за балетска педагогија – отсек за современ танц, која е формирана во 2010 година на ФМУ.
За одбележувањето на 29 април, Меѓународниот ден на танцот, ќе се сподели пораката од македонскиот автор Марко Мицов од страна на Македонскиот интернационален театарски институт, кој оваа година слави 70-та јубилејна година. Пораката оваа година ќе ја прочита Нина Костовска од Центарот за Даунов синдром во Македонија, со кој Шукарова соработува преку проектот „И јас сакам да бидам балерина“, а поддржан од УНИЦЕФ.
Седумдесет години ИТИ УНЕСКО
Оваа година е јубилејна година за меѓународната мрежа на ИТИ УНЕСКО, мрежата слави седумдесет години од своето постоење и дејствување (1948-2018). По тој повод, како јубилејна година, регионалните центри на ИТИ (Европскиот центар/Совет на ИТИ, Африканскиот центар/Совет на ИТИ, Азискиот центар/Совет на ИТИ, Американскиот центар/Совет на ИТИ, Арапскиот центар на ИТИ) организираа повелби за пет заслужни театарски уметници-танчари, кореографи од светот.
Оваа година своите искуствени и емотивни видувања за светот и театарот ги споделија Вили Цао (Хонгконг, основач/уметнички директор на „Сити конемпорари денс компани“ и „Пекинг денс“), Салија Саноу (Буркина Фасо, танчарка, кореографка), Охад Нахарин (Израел, кореограф, уметнички директор на „Бетшива денс компани“, креатор на јазикот на движење ГАГА), Марианела Боан (Куба, кореографка, танчарка и учителка), Горжет Гебара (Либан, танчар, кореограф, танцов педагог, основач на „Либанската школа за балет‘‘).
Танцовиот одбор на Македонскиот центар на ИТИ за 2018 година го избра младиот и успешен Марко Мицов, балетски танчар, кој живее и работи во САД, за автор на македонската театарска порака по повод Меѓународниот ден на танцот.