„Дуо Дениција“ гости на фестивалот „Тремоло“
Анастасија Милеска (р. 1996 година) и Александар Андријевски (р. 1995 година) веќе две години активно настапуваат како „Дуо Дениција“. Анастасија Милеска завршува основно музичко училиште во класата на Александар Крстаноски, а Александар Андријевски основите на гитарата ги стекнува кај професорите Љубиша Кушевски и Дарко Багески. Средното музичко образование го завршуваат во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, во класата на проф. Дарко Багески. Дипломираат на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, и моментално се на постдипломски студии, во класата на проф. Герхард Рајхенбах. Имаат учествувано на многу натпревари и фестивали. Добитници се на голем број меѓународни и државни први награди како солисти и на две први награди, во Германија и во Хрватска, како дуо.
„Дуо Дениција“ (Македонија/Германија) се гости на претстојното издание на фестивалот на класична гитара „Тремоло“, каде што ќе имаат самостоен концерт на 21 мај, со почеток во 18 часот, во „Куршумли-ан“.
Годинава сте дел од програмата на 12-то издание на фестивалот и натпревар за класична гитара „Тремоло“. Возбудени ли сте за претстојниот настап и што подготвивте како програма за концертот?
– Ни претставува голема чест што првпат ќе настапиме на фестивалот „Тремоло“ како „Дуо Дениција“ и му благодариме на професорот Дарко Багески за поканата. Чувството да се свири дома, во Македонија, е секогаш посебно, и со нетрпение го очекуваме концертот, каде што ќе чуете дела од Мануел де Фаља и Лео Брауер.
Веќе две години активно настапувате како „Дуо Дениција“. Колку има простор за настапи на млади гитарски таленти кај нас?
– Настаните, како фестивалот „Тремоло“, се одлична можност за младите талентирани гитаристи да се покажат пред публиката. Сепак, сметаме дека треба да се вложува повеќе во сцената на сериозната музика и нејзиното експонирање, преку организирање повеќе концерти и настани.
Средното музичко образование го завршувате во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, во класата на проф. Дарко Багески. Колку тој беше безрезервен во делењето на знаењето? Што е она најважното што го научивте од него?
– Доколку професорот Дарко Багески не беше толку посветен педагог, кој секогаш безрезервно ги споделува своето знаење и своите искуства, немаше да бидеме тука каде што сме. Додека бевме во неговата класа, учествуваме на многу натпревари и фестивали, каде што го запознавме и нашиот сегашен професор Герхард Рајхенбах. Нè научи каков треба да биде односот помеѓу еден педагог и еден ученик, но, исто така, и што значи да се има вистински пријател во професорот.
Дипломиравте на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, и моментално сте запишани на постдипломски студии, во класата на проф. Герхард Рајхенбах. Каков професор е тој и каков е неговиот пристап кон инструментот?
– Најголемата особина што би ја поврзале со професорот Герхард Рајхенбах се неговата професионалност и посветеност кон гитарата. Покрај неговата голема концертна кариера, тој, исто така, придонесува многу за репертоарот на класичната гитара, со голем број преработки на дела од различни стилови, меѓу кои едни од најзначајните за гитарскиот репертоар се неговите транскрипции на дела од Јохан Себастијан Бах. Како професор е секогаш безрезервна поддршка за своите некогашни и сегашни студенти.
Имате учествувано на многу натпревари и фестивали. Какви искуства носите оттаму?
– Запознавањето нови луѓе и посетувањето разни земји и култури се искуства што многу влијаат во создавањето на една личност. Секое ново познанство, секој нареден посетен концерт и фестивал се доживувања што подоцна наоѓаат одраз во нашата музика.
Добитници сте на голем број меѓународни и државни први награди како солисти и на две први награди, во Германија и во Хрватска, како дуо. Колку наградите се мотив за натамошен творечки порив и градење музичка кариера?
– Имаме многу искуство со натпревари, како солисти и како дуо. Натпреварите може да бидат голема мотивација и поттик за понатамошната реализација на еден музичар. Често знаат да бидат „големата врата“ за концертната кариера на еден млад музичар, но никогаш не се пресудни за неа.
За крај, кажете ни за вашите наредни проекти?
– Пред сè посакуваме што побрзо да заврши пандемијата, за да може повторно да ја славиме и да ѝ се радуваме на музиката во концертните сали. Имаме неколку договорени концерти за ова лето, работиме на нови транскрипции за нашето дуо и на еден проект, за кој ќе слушнете во блиска иднина.