Добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2019 година на „Струшките вечери на поезијата“ е Јовица Ивановски за книгата „Човек“.
Во најтесниот избор за наградата влегоа книгата „Стан што се распаѓа“ на Биљана Стојановска, авторка и новинарка на „Нова Македонија“, и победничката книга „Човек“ на Јовица Ивановски.
Наградата „Браќа Миладиновци“ е востановена во 1963 година, како признание за најдобра поетска книга меѓу два фестивала, и претставува најголемата национална награда за поетско творештво во земјава.
Со оваа награда се имаат закитено најеминентните имиња од поетската сцена Матеја Матевски, Блаже Конески, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Влада Урошевиќ, Радован Павловски, Богомил Ѓузел, Никола Маџиров и многу други. Националното признание, наградата „Браќа Миладиновци“ се доделува на меѓународниот поетски митинг „Мостови“.
„Струшките вечери на поезијата“ секоја година издаваат репрезентативнa книгa поезија од добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ во препев на англиски јазик. С.М.