Наспроти честите ламентирања над тешката судбина на книгата, демонизирањето на дигиталните технологии и морализаторското згрозување над децата што се зависни од екранот наместо од хартијата, американската научничка Марјане Волф се обидува да се фати во костец со актуелната состојба и со епохалните промени во сферата на читањето и пишувањето, кои ги носат новите технологии
Многубројните истражувања за читаноста, кои се спроведуваат со години во западниот свет, укажуваат на тренд на пад или стагнирање на интересот за книгата. Добиените податоци редовно одат во прилог на катастрофалните предвидувања за крај на Гутенберговата ера и културата на пишување и читање какви што ги познаваме. Феномените како што се намалување на издавачките куќи, пропаст на печатените медиуми, снижување на писменоста, навика за читање инстант верзии и гледање филмски адаптации наместо читање лектири и сл., се толкуваат како сигнали за цивилизациско дно во ера на аналфабетизам и дигитална површност.
Сепак, и покрај тоа што книгата го губи приматот, одговорите на прашањето колку навистина читаме не се едноставни ниту, пак, заклучоците на статистиката се еднозначни. Ако го прошириме поимањето на медиумите за читањето и се одвоиме од артефактот книга, односно печатен формат, се покажува дека денес многу се чита, можеби и повеќе од порано. Таквата претпоставка ја потврдува и истражувањето на Центарот за информациска индустрија од Сан Диего, според кое, секоја личност дневно во различни медиуми процесира околу 34 гигабајти, што одговара на големина на текст од 100.000 збора.
Но за читањето не е клучно само прашањето колку, туку и што, зошто и како. Значи, важно е дали читањето дигитални содржини влијае на нашите когнитивно-спознајни способности, на писменоста, на зголемувањето на знаењата, способноста за длабинско читање и критичко мислење и конечно како промените во читателските навики и медиуми го менуваат општеството во целина.
Наспроти честите ламентирања над тешката судбина на книгата, демонизирањето на дигиталните технологии и морализаторското згрозување над децата што се зависни од екранот наместо од хартијата, американската научничка Марјане Волф се обидува да се фати во костец со актуелната состојба и со епохалните промени во сферата на читањето и пишувањето, кои ги носат новите технологии. Нејзината книга „Читателу, врати се дома“ е пример за потребното конструктивно соочување со стварноста и обид да се протолкуваат современите феномени, но и да се насочи идниот развој на читањето и писменоста.
Волф смета дека се наоѓаме во транзиција, од култура заснована на писменост до култура заснована на дигитална димензија и дека тоа неминовно ги трансформира читателскиот мозок и когнитивно-спознајните способности, додека се очекувани и реперкусиите на вкупниот општествен развој. Денес, се читаат повеќе содржини, но помалку концентрирано и значително поповршно, додека самиот процес на читање како „тонење во себе во тишина“ е испрекинат со многу деконцентрации. Когнитивно сме преоптоварени, изложени на непрекинато бомбардирање со нови сензорни надразнувања, нестрпливи и невротични поради постојаниот притисок дека процесираме мноштво информации за кратко време.
За да протолкува како се случува таа транзиција, Волф посегнува по сознанија од многу дисциплини, па ги комбинира неврознаењето, развојната психологија, едукативните методи, книжевната теорија, антропологијата, лингвистиката и др. Во манир на најдобрата традиција на англоамериканската популарна наука, таа успева целата таа теорија да ја задржи во заднина и да напише интересен и поттикнувачки текст, дури и за оние читатели што немаат знаење од споменатите подрачја. Покрај тоа, за да постигне блискост во дијалогот со читателот одбира старинска епистоларна форма, па книгата се состои од девет писма посветени на разни аспекти на комплексната приказна за читателскиот мозок во дигитален свет. И најважно, покрај високата профилираност и упатеност, во книгата се препознава дека Волф е страсна читателка и дека нејзината научна мисија на заговор произлегува од часови поминати во уживање во книгите. Цитатите и примерите што се споменуваат се преземени од многу разнолики лектири: од Пруст преку Волтер Бенџамин до Харари, и токму тоа на нејзините стручни увиди им дава печат на веродостојност и ангажираност.
На почетокот авторката потсетува дека луѓето не се родени за читање, туку дека описменувањето е едно од најважните епигенетски достигнувања на хомосапиенсот. Совладувањето на читањето за само 6.000 години овозможило круцијални промени во човековиот живот и настанокот на културата каква што ја знаеме. Во таа еволуциска приказна, фасцинантно е како мозокот благодарение на својата пластичност и флексибилност, ги прескокнал своите изворни, биолошки дадени функции и развил нови вештини како што се писменоста и сметањето. Како што се менувал мозокот на преодот од усна на писмена култура, или од читање на глас во култура на читање во себе (9 и 10 век), така тој интензивно се трансформира и приспособува на новите дигитални искуства.
За да ја истакне важноста на промените во начинот на читањето за развој на когнитивно-спознајните способности, Волф ја опишува и минуциозната работа на нашиот внатрешен механизам додека читаме. Истакнува дека сложените интеракции на голем број невронски склопови што се одвиваат во делче од секундата предизвикуваат возбудливи мозочни бури што ги предизвикуваат буквите, зборовите, речениците, за кои не сме ни свесни. Додека мирно и сконцентрирани читаме некој текст, во нашиот мозок се одвива вртоглава игра меѓу невронските мрежи, од видниот, јазичниот, спознајниот и емотивниот прстен.
Транзицијата од пишана во дигитална култура, од опипливи страници на книга во симулирани страници на екран, поставува нови барања што мозокот треба да ги совлада. Деконцентрации, сензорни поттикнувања, брзина, растресено внимание, цикцак-читање, карактеристични за дигиталните медиуми бараат приспособување на внатрешниот механизам. Според Волф, во таа транзиција најголеми опасности се закануваат на способноста за длабоко читање и критичко мислење, сочувство, промислување на светот. Улогата на книжевноста во разбирањето на животот, чувствата и постапките на другите е голема, тврди Волф, следејќи ја на тој начин интерпретацијата на односот на етиката и книжевноста.
Ако се изгуби типот на вниманието потребно за совладување поединечни книги, ќе бидат загрозени темелите на хуманоста како емпатија, разбирање и етичност. Ако се изгуби тишината, која е предуслов за тонење во читањето, ќе се изгубат и посматрањето, споредувањето, поставувањето хипотези, емотивното соживување, заклучување, кои се клучни за процесот на учење. Симптомите веќе се забележани од научници од универзитетот „Станфорд“, кои утврдија дека има 40 отсто пад на емпатијата меѓу студентите во последните две десетлетија.
Други опасности се лажните информации и подложноста на манипулации и други негативни влијанија на новите технологии. Волф не предлага враќање во „невината доба“ ниту ригорозни методи на присила на читање на класиците во тврд повез, туку настојува да ја освести важноста на тоа да се земе најдоброто од двата света. Конкретно, во развојот до петтата година, акцентот би требало да биде ставен на книги во печатена форма, раскажување приказни и родителско читање на глас, а потоа да се воведуваат квалитетни дигитални содржини. По тоа сценарио децата меѓу 10 и 12 година би требало да бидат способни да читаат во повеќе медиуми, да развиваат длабоко читање, но и сложени вештини што се поттикнати од дигиталното искуство.