Врвни уметници од Чешка настапија на фестивалот „Охридско лето“, во предворјето на црквата „Света Софија“, со концертот „Бах за Вас“. Концертот го најави амбасадорот на Чешка во Македонија, Мирослав Томан, кој порача дека во ова тешко време не смееме да се фокусираме само на епидемиите, туку мора да продолжиме да живееме.
– Затоа мислам дека е многу важно да се поддржи културната соработка дури и во сегашните тешки околности. Среќен сум што, и покрај сѐ, успеавме да го организираме овој исклучителен концерт. Најдобар доказ за тоа дека не дозволивме да се откажеме е токму нашето присуство на „Охридско лето“ – рече амбасадорот Томан.
Чешките уметници свиреа на чешки пијана од производителот „Петроф“.
– Чешката компанија „Петроф“ е еден од најистакнатите производители на пијана во светот и еден од ретките што сѐ уште работат во Европа. Во текот на својата 156-годишна историја, оваа семејна компанија произвела повеќе од 632 илјади парчиња и многу од нив биле извезени во поранешна Југославија, а особено во Македонија.
Четирите пијана на сцената беа изработени специјално за оваа пригода, а по концертот ќе се пренесат во „Пијано-центарот“ во Скопје каде што ќе можат да се видат или купат – додаде амбасадорот Томан.
Вистински симбол на македонско-чешкото пријателство е пијанистката Ема Једличка Гогова, која во предворјето на „Света Софија“ настапи заедно со своите колеги, солистите Хелена Вајзер, Сара Медкова и Лукаш Клански и со 11-члениот гудачки камерен оркестар „Чешки виртуози“.
– Сакам да изразам голема благодарност за организацијата. Концертот „Бах за Вас“ беше посветен на еден од најголемите светски композитори Јохан Себастијан Бах, кој годинава слави 335 години од раѓањето и 270 години од неговата смрт што се вклопува со јубилејната година на фестивалот „Охридско лето“.
Затоа се трудевме преку сите пречки да ги споиме јубилеите на еден од најголемите светски музичари и композитори заедно со големиот и прочуен фестивал – рече Једличка-Гогова.
Четворицата исклучително виртуозни чешки пијанисти одржаа четири концерти за клавир со оркестар. Самата концепција беше поставена така што публиката имаше можност да ужива во концерт со едно пијано и гудачки оркестар, со две пијана и гудачки оркестар, за три пијана и гудачки оркестар, и на крајот, концерт за четири пијана со оркестарот.