Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ го најавува своето осмо издание, кое поради ковид-ситуацијата, наместо во мај го премести за септември.
Од 14 до 17 септември во Куршумли ан, Europe House и во Кинотеката ќе се реализира богата програма.
И годинава важен дел од фестивалот ќе биде програмата „Скопје fellowship“, во која вообичаено гостуваат врвни издавачи и литературни агенти од цел свет, со цел македонската литература да се промовира во светот.
Годинава гости во оваа програма ќе бидат: Назли Бериван Ак од Турција, Јасмина Радојичиќ од Србија, Доротеа Монова и Милен Милев од Бугарија.
На вториот фестивалски ден (15 септември), тие ќе учествуваат на тркалезна маса „Литература и криза: почетна точка за нови противотрови“ што ќе се реализира во Europe House.
Веднаш потоа ќе се сретнат со претставници на Македонската асоцијација на издавачи.
Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е во организација на издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, ТРАДУКИ, Институтот „Јунус Емре“ од Скопје, Делегацијата на ЕУ, Град Скопје, амбасадата на Босна и Херцеговина и Кинотека.