Антонио Илиоски, виолончелист
Иако има само 18 години, младиот виолончелист Антонио Илиоски, матурант во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, во класата на професорката Марија Кочарова Узунова, е еден од поуспешните во својата генерација. Досега освоил голем број домашни и меѓународни награди, а дури на 43 натпревари бил на пиедесталот. Овој млад, талентиран и амбициозен музичар има и јасна визија за својата иднина – сака да стане првиот македонски активен солист на виолончело.
На осумгодишна возраст почнувате да свирите виолончело во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ Скопје. Зошто го одбравте токму овој инструмент?
– Челото е инструмент што стои на срце, неговиот звук е моќен и се вклопува со мојот карактер. Сметам дека сум создаден тоа да биде мојата професија. Инаку, во моето семејство нема други музичари, освен мене. Јас сум првиот што се занимава со музика, но искрено се надевам дека тоа ќе се пренесе на некоја следна генерација
Постојано ве следи и насочува професорката Марија Кочарова Узунова, ви помогна ли таа да го пронајдете вистинскиот пат до успехот?
– Најпрво би сакал да потенцирам дека професијата професор по инструмент бара многу пожртвуваност и трпеливост за да можеш еден ученик што не потекнува од музичко семејство, најпрво да го описмениш, а потоа да го изградиш како уметник. Токму тоа го правеше и сѐ уште го прави мојата професорка, која го слушна мојот сон и со континуирана работа чекориме заедно кон успехот.
Колку наградите ве радуваат и исполнуваат, а колку ве обврзуваат да бидете уште подобар?
– Се натпреварувам од осум години, на натпревари со интернационален и државен карактер, секоја награда била чекор напред за поголем успех и поголема мотивација за работа. Чувствувам дека каде и да се пријавам, морам да го дадам максимумот, бидејки има многу луѓе што веруваат во мене и ми даваат поддршка, а мојот подарок за нив е секој нов успех. Досега сум освоил 43 награди, од кои навистина не можам да издвојам една, бидејќи сите си имаат своја приказна и сите се дел од мојот живот.
Веројатно со виолончелото доста патувате, кој настап никогаш нема да го заборавите?
– Нема да го заборавам настапот на интернационалниот натпревар за виолончело „Антонио Јанигро“ во Загреб, каде што бев првиот Македонец што настапувал на овој светски настан, на кој учествуваа 680 избрани кандидати од целиот свет и каде што јас го освоив четвртото место.
Имате ли идоли од домашната и светската сцена познати виолончелисти?
– Сум се запознал со германскиот челист Даниел Милер Шот, кој, според мене, ја имаше најдобрата изведба на концертот за чело и оркестар од Шостакович, исто така и со Николас Алтштад, кој настапуваше со Македонската филхармонија, со Моника Лесковар, која беше во жирито во Загреб. Патем, таа била ученичка на, според мене, најдобриот виолончелист на сите времиња, Мстислав Ростропович. Меѓутоа најдраго ми беше запознавањето со Сол Габета, која неверојатно многу ме мотивира за понатамошна работа.
Мојот сон е да станам првиот македонски активен солист на виолончело, да одржувам солистички концерти со национални филхармонии низ целиот свет.