Под наслов „Цртеж – Експериментален цртеж“, вечерва, во Галеријата на НЛБ банка, во 20.30 часот, ќе биде отворена изложба на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) во соработка со Дирекцијата за култура и уметност, во рамките на тековното „Скопско лето“. Изложбата е селективна и на неа ќе учествуваат 25 автори. Ќе може да се видат цртежи, кои како што е најавено, „можат да бидат дефинирани и како копродукт на други видови креативни процеси, ставајќи го акцентот на нивната интердисциплинарна, когнитивна, перформативна или комуникативна функција“.
– Делата ги прикажуваат основните на современиот цртеж почнувајќи од развојот на линијата на пикторијален план, па до неговите дигитални модификации, со што се потврдуваат неговата линеарна автономија и неговата концептуална контрола над другите медиуми“ – велат од ДЛУМ. Ќе учествуваат уметниците: Глигор Стефанов, Кирил Гегоски, Славица Јанашлиева, Сашо Саздовски, Пандора Апостолоска Саздовска, Дијана Томиќ Радевска, Жанета Гелевска Вељановска, Симонида Филипова Китановска, Марија Светиева, Слободан Живковски, Марина Цветановска Мартиновска, Агорн Абдули, Тања Таневска и др., како и авторот од Србија, Владимир Лалиќ.