Судбинска, трагична љубов, љубов што не познава граници – таква била љубовта меѓу Исидора Данкан (1877-1927) и Сергеј Есенин (1895-1925).
Американката Исидора Данкан била исклучителен уметник, слободоумна и широкогледа жена. Танцот за неа бил суштина на животот, преку танцот се борела за женската еманципација, тврдела дека класичниот балет ја ограничува женската слобода, со танцот ги уривала сите граници – танцувала боса, во проѕирни костими, со смели кореографии и, иако била презрена од пуританците и осудувана од традиционалистите, таа се запишала во историјата на балетот како една од најсјајните ѕвезди.
Сергеј Есенин важи за еден од најдобрите и најомилени руски поети, нежна душа со тежок карактер. Својата поезија му ја оставил на човештвото како скапоцено наследство.
Кога се запознале во Ленинград (денешен Санкт Петербург) Есенин имал 26 години, Данкан 44. Љубовта пламнала веднаш, еруптирала како вулкан. Без предрасуди и без задршка, се предале на таа љубов како да ѝ биле судени, како да им била судена. Наспроти јазичната бариера (тој не знаел ниту еден збор на англиски, а таа едвај неколку на руски), наспроти разликата во години, наспроти згрозеноста на јавноста. Данкан со него ја нашла вистинската љубов по која долго копнеела, Есенин во неа црпел инспирација, ја обожавал и ја величал во својата поезија. За жал, иако искрено и силно се сакале, страста ја замениле постојани кавги, меѓусебно насилство, оставања и враќања, сѐ до конечното збогум.
Последните години од животот на Сергеј Есенин биле исполнети со пијанства, талкање, во постојан конфликт со околината и со самиот себе. Уморен и заситен од сѐ, на само 30 години го завршил животот во ленинградскиот хотел „Англетер“, во собата број 5, во која толку пати претходно бил среќен со Исидора Данкан. За да биде сигурен дека ќе умре, се самоубил на три начина: си ги пресекол вените, ја запалил плинската цевка од греењето и се обесил со шалот подарок од љубената. Две години подоцна, на 14 септември 1927 година, судбината сакала животот на Исидора Данкан да заврши слично како Есениновиот – црвениот шал, нејзиниот заштитен знак, кој тој ден го носела, се замотал околу тркалото на отворениот автомобил во кој се возела и ја задавил.
Лада Шоптрајанова Петровска