Организирала низа изложби, соработувајќи со некои од највлијателните уметници на денешницата: Ел Анатсуи, Џон Балдесари, Пилида Барлоу, Карол Боув, Шила Хикс, Рашид Џонсон, Барбара Кругер, Зое Леонард, Фејт Ринголд… Од 2011 година е директорка и главна кустоска на „Хај лајн арт“ во Њујорк, програма посветена на уметноста во јавниот простор – во реновираниот урбан парк изграден на напуштена железничка пруга
Италијанската кустоска Цецилија Алемани, која живее и работи во Њујорк, е именувана за директорка на 59-то Биенале на уметноста во Венеција во 2021 година. Алемани беше кустоска на италијанскиот павилјон на 57-то Биенале во 2017 година, во кој беше претставена изложбата „Магичен свет“, со дела на групи уметници: Џорџо Андреота Кало, Аделита Хусни-Беј и Роберто Цуоги. Организирала низа изложби, соработувајќи со некои од највлијателните уметници на денешницата: Ел Анатсуи, Џон Балдесари, Пилида Барлоу, Карол Боув, Шила Хикс, Рашид Џонсон, Барбара Кругер, Зое Леонард, Фејт Рингголд… Од 2011 година е директорка и главна кустоска на „Хај лајн арт“ во Њујорк, програма посветена на уметноста во јавниот простор – во реновираниот урбан парк изграден на напуштена железничка пруга во Њујорк.
По повод нејзиното именување за уметничка директорка на Венециското биенале, Алемани изјавила дека ѝ е голема чест да биде во таа улога во една од најпрестижните и најпрепознатливи италијански институции во светот.
– Како прва Италијанка на оваа позиција, ја сфаќам и ценам одговорноста, како и можноста што ми е понудена, и имам намера да им дадам на уметниците глас да креираат единствени проекти што ги рефлектираат нивните визии и нашето општество – изјави Алемани, која е родена во 1977 година во Милано.
Меѓу другото, таа ја почнала новата програма во Њујорк за монументални дела во јавен простор, инаугурирана во јуни во 2019 година со скулптурата „Брик хаус“ на американската уметница Симон Ли. Исто така во 2018 година, во соработка со Буенос Аирес и „Арт Базел ситис“, ја курирала „Хопскоч“, изложба на уметноста во јавен простор, која беше посветена на промовирање на богатиот екосистем на овој аргентински град.
Цецилија Алемани претходно работела како независна кустоска, соработувајќи со музи како што се „Тејт модерн“ во Лондон и МоМА во Њујорк, но и со непрофитни институции, како „Артистс спејс“ и „Арт ин џенерал“ во Њујорк, и со приватни фондации, како што е „Десте фоундејшн“. Од 2009 до 2010 г. го водела експерименталниот изложбен простор „Џи инишијатив“ во Њујорк, каде што била кустоска на изложбата на уметници како што се Керен Катер, Дерек Џерман, Ханс Хак, Трис Вона-Мичел… Дипломирала филозофија на Универзитетот во Милано, а мастер-студии во областа на современата уметност завршила на „Бард колеџот“ во Њујорк.
Бордот на директори на Биеналето во Венеција, со кој претседава Паоло Барата, ја именува Цецилија за уметничка директорка на 10 јануари, а ја потврди и позицијата на маестро Иван Феделе за директор на музичкиот отсек за 2020 година.