Неделата на полски филм почна вчера во Кинотеката на Македонија, со проекција на славниот „Три бои: сино“ од 1993-та на Кшиштоф Кјешловски. Ова е првиот дел од познатата трилогија, која ги симболизира боите на француското знаме и паролите за слобода (сино), еднаквост (бело) и братство (црвено). Филмот доби „златен лав“ и уште шест други награди на фестивалот во Венеција, три награди „цезар“, номинација за „златен глобус“… Визуелно перфектен, суптилно режиран, со импресивната музика на Збигњев Преснер, „Три бои: сино“ спаѓа во ремек-делата на Кјешловски.
Вечерва, од 20 часот, на програмата е вториот дел од трилогијата „Три бои: бело“, а утре третиот „Црвено“. Во наредните денови ќе бидат прикажани неговите филмови: „Двојниот живот на Вероника“, „Без крај“, „Лузна“, „Киноаматер“ и „Случајност“
– Иако за Кшиштоф Кјешловски (1941-1996), полски режисер со светско реноме, автор на дваесетина долгометражни играни филмови и ТВ-серијалот од десет епизоди „Декалог“, е пишувано многу по разни поводи, секогаш може да се најде некој нов, необичен поглед. Неделата на полски филм е тој нов повод. Каков би бил новиот поглед? Кјешловски остави зад себе потресни кинематографски сведоштва за она што на луѓето денес најмногу им недостига – сочувство. Авторот на величествениот „Декалог“ (1998), серијал сработен според моделот на десетте божји заповеди, кој е сместен меѓу обичните луѓе со нивните секојдневни дилеми, и трилогијата „Три бои“, знаејќи дека луѓето се смртни (а дали навистина се?!), не ги ослободувал своите јунаци, туку ги насликувал во најтешкиот затвор – нивната сопствена кожа. Филмовите на Кјешловски личат на обид да се запре крвта што капе од носот. Но фасциниран од трогателната едноставност на тоа што го гледа, гледачот не го зема марамчето и не ја запира крвта – пишува Стојан Синадинов за режисерот.
Кшиштоф Кјешловски, заедно со неговите постари колеги Роман Полански и Анджеј Вајда, спаѓа во најсјајната тројка автори излезени од славната филмска школа во Лоѓ. Кјешловски дури од третиот обид успеал да се запише на таа школа, дипломирал во 1969-та, и започнал со снимање документарни филмови. Документаризмот, на некој начин, го обележува и неговиот стил во играната продукција: ликовите од неговите филмови како да ги знаеме, како да се наши соседи, без разлика што говорат на друг јазик.
– Во филмографијата на Кјешловски значајно место има и соработката со имењакот, Кшиштоф Пјешевич, инаку адвокат по професија, која започнала на почетокот на 1980-тите години, во периодот на вонредната состојба во Полска. Кјешловски сакал да снима документарец за политичките процеси во тој период, а Пјешевич бил адвокат на некои обвинети активисти на движењето „Солидарност“. Пјешевич ги напишал сценаријата за сите подоцнежни филмови на Кјешловски, а од истиот период на творештвото на Кјешловски датира и соработката со композиторот Збигњев Преснер, чии дела денес се класика на музичкиот израз во филмот – пишува Синадинов.