Во збирката на Музејот на современа уметност во Скопје има две дела на Дејвид Хокни
Британскиот сликар Дејвид Хокни стана најскапиот жив сликар, успевајќи да го симне од тронот контроверзниот Џеф Кунс. Имено, неговата слика „Базен со два лика“ од 1972 година годинава беше продадена на аукција во Њујорк за 90,3 милиони долари. Зад него по тој статус остана Џеф Кунс, чија скулптура „Балон куче“ во 2013 година беше продадена за 58,4 милиони долари. Трет најскап жив уметник е Герхард Рихтер, чија „Абстрактес билд“ во 2015 година беше продадена за 46 милиони долари.
Дејвид Хокни е светски познат англиски уметник, кој еднакво успешно создава дела во медиумот на сликарството, цртежот, графиката, сценографијата и фотографијата. Студирал на Уметничкиот колеџ во Брадфорд и на Кралскиот уметнички колеџ во Лондон. На почетокот од 1960-тите во своите слики ги комбинира апстрактниот и фигуративниот израз, вклучувајќи и текстуални пораки и претстави преземени од популарната култура, што придонесува критиката често да го смета, заедно со Питер Блејк, Ричард Хамилтон и Р.Б. Китај, за еден од главните претставници и претходници на појавата на поп-артот. Но неговата уметност е сепак изразито индивидуална и ги надминува овие категоризации. Мајсторската леснотија и врвниот рафинман со кои ги слика своите живописни и весели пејзажи, и особено неговите многубројни портрети, се засновани на белешки од неговиот живот, личните односи во хомосексуалните врски, патувањата и литературните интереси.
Покрај сликарството, Хокни како изразито талентиран цртач, својот израз го наоѓа и во графиката во која има создадено повеќе големи тематски серии. Користењето на фотографијата во неговите инвентивни пејзажни фотоколажи, е исто така детерминирано од неговата склоност кон цртежот и настојувањето овој механички медиум да го третира како сликарска техника.
Во збирката на Музејот на современа уметност во Скопје има две дела на Дејвид Хокни.