Арда Мустафаоглу, пијанист
Арда Мустафаоглу (18) од оваа есен е студент на прва година на Факултетот за музичка уметност во Хамбург, Германија, во класата на еминентната професорка Ана Виницкаја. За примениот испит се подготвуваше со професорката Милица Шкариќ и беше прворангиран меѓу педесетина студенти.
Во моментов ги правите последните подготовки за вашиот најголем предизвик досега, студиите по музика, во градот со најубава филхармонија, Хамбург во Германија. Дали се чувствувате подготвено?
– Подготовките со Милица Шкариќ за приемните испити и успехот што го постигнавме ми влеваат самодоверба дека сум подготвен за предизвиците што ме очекуваат. Професорката Шкариќ ги има завршено постдипломските студии на Факултетот за музичка уметност во Хамбург, во класата на легендарниот професор Евгениј Корољов, исто како и професорката Ана Виницкаја. Мене ми претстои обврска да ја продолжам традицијата на школата на професорот Корољов. Дополнително задоволство е амбиентот каде што ќе студирам и живеам, градот Хамбург, Елбфилхармонијата…
Потребна ли е храброст за една ваква радикална одлука, која од корен го менува животот?
– Храброста не е само карактеристика што некој ја поседува или не ја поседува. Таа се стекнува со несебично вложување во себе, со упорност и истрајност во совладувањето на предизвиците. Тоа всушност се и карактеристики на моето име Арда, кое значи владетел-лидер.
Дали поканата на професорката Милица Шкариќ за соработка е подадена рака во вистинско време?
– Во текот на мојата пијанистичка наобразба имав можност да учествувам на мастеркласови и да учам од познати пијанисти и пијанистички педагози. Воопшто немаше двоумење кај мене за подготовките со проф. Шкариќ. Сакав да бидам подготвуван од најдобриот професор. Секако дека е среќа што таа прифати да ме подготвува и тоа го направи со голема љубов и посветеност. Професорите што досега ми предавале влијаеле во помала или поголема мера на пијанистичката техника и сфаќањето на музиката во целина.
Да бидеш прворангиран на Факултетот за музика и театар на Универзитетот во Хамбург, еден од 50-те највисоко оценетите светски универзитети од областа на уметностите, е голема чест, но и обврска…
– Не само за мене туку и за секој музичар од кој било дел на светот претставува огромна чест да биде студент на овој универзитет. Всушност успехот, приемот на Факултетот за музичка уметност во Хамбург е веќе зад мене. Почнувам ново поглавје, со нови многу поголеми обврски. Тоа што сум прворангиран на приемниот испит ме задолжува уште повеќе, но ова е мојот живот, мојата професија и целосно се посветувам на тоа. Воопшто не размислувам да се штедам пред предизвиците што ми претстојат во новата средина.
Во Хамбург се произведува и светски познатиот бренд на пијана „стенвеј“, а токму во овој град работеле и живееле врвни светски музичари. Мислите ли дека тоа е вистинско место за еден 18-годишник да се обиде да го најде своето место во светот на музиката?
– Возраста на која ги почнувам студиите во Хамбург е иста со возраста кога и професорката Ана Виницкаја почнала да го чувствува духот на овој град. Таа во 2007 година стана победничка на престижниот натпревар „Квин Елизабет“ и денес е една од најдобрите концертни пијанисти. Очигледно е дека градот Хамбург има магија на која не може да биде имун ниеден музичар.
Од дете освојувате награди на престижни музички натпревари низ светот. Колку е важна самодовербата за еден музичар да се најде во друштво на најдобрите?
– Од 2010 година досега имам освоено околу 40 награди на меѓународни пијанистички натпревари во Европа. Секоја освоена награда ми ја јакне самодовербата и ми дава елан да достигнам нареден поголем успех. Очигледно е дека самодовербата е важна за секоја професија, без неа не може да се достигне наредниот поголем успех. Трпението, знаењето и талентот се предуслови, но посветеноста, долгочасовните подготовки и вежбањето се есенција за успехот.