Онлајн-книжарница „КупиКнига.мк“, која претставува агрегатор на понудата од скоро сите издавачки куќи во Македонија и во регионот, ја претстави листата на најпродавани книги во Македонија за 2019 година. Читателите повторно го ставија на првото место авторот Гијом Мисо, според топ 10 листата на најпродавани книги.
– Нашиот сајт постои повеќе од 7 години и секоја година е поуспешна од претходната токму поради нашите верни корисници и љубители на книгата. Во поглед на најчитаните книги, веќе неколку години Гијом Мисо останува на врвот. А што се однесува до новогодишните празници, нудиме идеални подароци по неверојатни попусти за сите оние што сакаат да подарат нешто вредно и скапоцено – вели Елена Темелковска, оперативна менаџерка на „Ивоут“.

„КупиКнига.мк“ е првиот и единствениот портал за електронска трговија со книги. Моменталната понуда има над 60.000 изданија на македонски, српски, англиски и на албански јазик од најразлични жанрови. Зад нив стои „Ивоут“, водечка компанија специјализирана за технологии за модернизација на изборни процеси, системи за електронска трговија и електронско учење.
Гијом Мисо (1974) е француски писател. Кога го завршил средното образование во Франција, Гијом на 19 години заминува во САД. Престојувал неколку месеци во Њујорк, каде што живеел со други странци, заработувајќи така што продавал сладолед. Во Франција се вратил со многу идеи за пишување книги. Читателите во неговите книги можат да го забележат влијанието на неговиот престој во САД, поради дејствата што се одвиваат токму таму.

Неговата прва објавена книга е „Скидамаринк“, трилер што започнува со кражба на Мона Лиза од „Лувр“. По тешката сообраќајна несреќа што ја имал, започнува да се интересира за искуствата на луѓето што биле блиску до смртта и по тој повод ја пишува својата следна книга „А потоа“, за човек што се враќа од мртвите. Книгата е продадена во милиони примероци во Франција, а е преведена на 23 јазици. Во 2009 година, Гијом Мисо беше втор најпродаван автор во Франција, а во 2011 беше трет автор по бројот на продавани книги, веднаш по Стефани Маер и Харлан Кобен. Досега неговите книги се преведени на 34 јазици и се продадени во 11 милиони примероци низ светот. 


Десет најпродавани книги
1. „Девојката од Бруклин“ – Гијом Мисо
2. „Ако не постои утре“ – Гијом Мисо
3. „Т.е. љ.у.б.а.м. – тоа е вистината“ – Александар Алексов
4. „Девојката и ноќта“ – Гијом Мисо
5. „Апартман во Париз“ – Гијом Мисо
6. „Станарката на замокот Вајлдфел“ – Ен Бронте
7. „Е, баш ме заболе“ – Марк Менсон
8. „Црна како абонос“ – Сала Симука
9. „Точка на измама“ – Ден Браун
10. „Лесен начин да ставите крај на пушењето“ – Ален Кар