Фотоизложба со наслов „Провокативни лица“ ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во изложбениот салон на Културно-информативниот центар. Ќе бидат презентирани фотографии на актерски лица, чиј автор на нивните театарски маски е Филип Цветковиќ од Србија.
– Не е тешко да се направи маска за одреден лик. Токму напротив. Лесно е. Секоја линија, секоја точка, бојата на лицето, треба да има свое значење и вкупниот изглед мора да има приказна, приказна зад која се крие личната порака на авторот. Така и јас ја најдов својата инспирација во елементите на претставите што ги обработувам, како во секојдневните настани, која отворено и јасно потврдува дека борбата во животот е постојана – вели Филип Цветковиќ.
Вечерта во исто време, во 20 часот, ќе започне музичко-драмскиот концерт за деца „Писмото од кралот“ на Факултетот за ликовни уметности – „Сули-ан“, во соработка со „Триангл пулс“. Ќе настапат: Марика Поповиќ – модераторка, мецосопран, Андреј Наунов – пијано, Јане Дунимаглоски – тенор, труба и гитара. Автор на идејниот концепт, на сценариото и на режијата е Десанка Глигоријевиќ. Најавен како иновативен музичко-драмски концерт за деца, тој е во својство на едукација на најмалите и опфаќа актуелни теми (екологија, бонтон, јавно здравје итн.), испреплетени низ музика изведена во живо. Сѐ со цел, како што најавуваат организаторите, будење на свеста за важноста на чувањето на Скопје, преку едукација на најмладата популација со креативен и иновативен пристап.