Филхармонија, в четврток, во 20 часот, ќе го одржи својот роденденски концерт со наслов „Колаж“, на кој како солист ќе настапи руската виолончелистка Анастасија Кобекина, а диригент е маестро Габриел Бебешелеа од Романија. На програмата се Концертот за виолончело и оркестар бр. 1 во А-мол, оп.33 од Камиј Сен-Санс и Симфонија бр. 1 во Це-дур, оп. 19 од Карл Марија Вебер. Концертот е во рамките на манифестацијата „Есенски музички свечености“.
Анастасија Кобекина (1994) својот прв час по виолончело го имала на четири години. Во 2006 година таа почнува да учи чело во класата на Олга Галокина на Московскиот конзерваториум. Вниманието на руската јавност го привлекува кога ја добива првата награда на ТВ-натпреварот „Оревокршачка“ и „Нови имиња“ во Москва.
Во 2008 година е финалист на Евровизискиот натпревар на млади музичари во Виена. Во 2010 година ја добива наградата „Хесе“, која вклучува и мастер-клас со Дејвид Герингас во Кронберг. Во 2012 година ја добива стипендијата „Борис Пергаменшиков“ за мастер-клас на академијата во Кроберг. Настапувала во водечките концертни сали во Москва, Берлин, Виена, Брисел, како и во Тел Авив на отворањето на Рускиот културен центар. Како солист свирела со оркестри, како „Московски виртуози“, Симфонискиот оркестар „Чајковски“ од Москва, со Виенскиот симфониски оркестар, со Литванската национална филхармонија.
Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на Филхармонија на РС Македонија. Неговата репутација бргу почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите. Со Симфонискиот оркестар на Берлинското радио тој сними ЦД со сè уште необјавената опера на Жорж Енеску – „Духови“, како и со неговата „Пасторала-фантазија за мал оркестар“. На 30-годишна возраст маестро Бебешелеа беше етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната деценија во Романија.
Во изминативе 76 години оркестарот на Филхармонијата активно музицира изведувајќи комплексни дела, со врвни солисти и диригенти, кои во моментот се актуелни на светската музичка сцена.
Филхармонијата е единствена институција во земјавта, која го афирмирира и изведува симфониското музичко творештво. Преку редовните концерти ја етаблира и промовира класичната музика, приближувајќи ѝ ја оваа форма на музицирање на разнородна публика од разни генерации. Билетите се веќе достапни и може да се резервираат на тел: 02/3238 182 и да се купат онлајн на веб-страницата на филхармонија.