Текст за историјатот на Македонската филхармонија, за официјалното отворање на новата концертна сала, и рецензија на видниот англиски музички критичар од „Телеграф“, Џефри Норис се објавени во списанието на престижната Меѓународна асоцијација на менаџери од областа на уметноста со седиште во Лондон. Отворањето на новата концертна сала, соопштија од Македонската филхармонија, се споредува со отворањето на престижната филхармонија „Елб“ во Хамбург, како уште едно извонредно архитектонско здание посветено на музиката, кое ја одбележа оваа година.
Од Македонската филхармонија наведуваат дека на годинашната конференција на Меѓународната асоцијација во Лондон месецов присуствувал и директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески, кој остварил битни контакти со уметнички менаџери и со концертни агенти на светски музички институции и организации од областа на класичната музика за понатамошна соработка, особено во однос на гостување на врвни солисти и диригенти на сцената на Македонската филхармонија.
– Имаме конкретни преговори за сезоната 2019/2020 за нови уметнички имиња. Особено сум горд што за Македонската филхармонија има текст во списанието на ИАМА, затоа што го читаат членки на менаџменти од европски и светски филхармониски куќи, опери, но и врвни агенции што ги претставуваат светските солисти и диригенти – посочил Илиески.