Рускиот пијанист Андреј Гугнин, кој ќе настапи како солист, е исклучителен уметник и виртуозен изведувач, кој поседува разновидна и префинета техника што ѝ служи на неговата исклучителна музичка имагинација. Во 2020 година ја доби наградата на магазинот на „Би-би-си“ за најдобра изведба на Шостакович
Со концертот насловен „Данте“, кој ќе се одржи вечерва во 20 часот, Филхармонијата ја заокружува оваа концертна сезона. На последниот концерт во официјалниот дел од сезоната ќе бидат изведени дела од Фомин, Лист и Пачини, а солист е пијанистот Андреј Гугнин од Русија. Оркестарот ќе го води Габриел Бебешелеа, шеф-диригент на Филхармонијата.
„Данте“, по кое е насловен концертот, е едно од најпознатите дела на Џовани Пучини, програмската симфонија што ја напишал во 1864 година, неколку години пред неговата смрт. Џовани Пачини е италијански оперски композитор познат по своите богати мелодиски дела, кои биле софистицирано напишани за најголемите пејачи во 19 век.
– Рускиот пијанист Андреј Гугнин, кој ќе настапи како солист, е исклучителен уметник и виртуозен изведувач, кој поседува разновидна и префинета техника што ѝ служи на неговата исклучителна музичка имагинација. Во 2020 година ја доби наградата на магазинот на „Би-би-си“ за најдобра изведба на Шостакович, за неговата изведба на неговите 24 прелудиуми и Сонатите за пијано бр. 1 и 2. Откако ја добива првата наградата на престижниот натпревар во Сиднеј во 2016 година, Гугнин постојано концертира на светските сцени со најдобрите оркестри и диригенти – велат од Филхармонијата.
Настапувал како солист со Лондонскиот филхармониски оркестар, со Маринскиот симфониски оркестар, со Холандскиот симфониски оркестар, под диригентската палка на исклучителни диригенти како маестро Валери Гергиев, Јап ван Зведен, Даниел Рајскин, Станислав Кочановски, Ашер Фиш… Соработувал и со повеќе камерни ансамбли. Снимил повеќе музички изданија со соло и симфониски дела. Неговото цеде со изведба на „Трансцеденталните етиди“ од Лист беа издвоени во „Грамофон“, а Гугнин беше истакнат како пијанист чие време допрва доаѓа.
Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на оркестарот на Филхармонијата. Неговата репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката, за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите. На 30-годишна возраст, маестро Бебешелеа беше етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија.
– Забележлив е и како оперски диригент и е именуван за шеф-диригент на Романската национална опера во 2011 година, со што ќе стане најмладиот шеф-диригент кога било во Романија. Во 2014 година ќе ја добие наградата „Најдобар диригент“ на оваа куќа. Својата репутација како диригент на опери ќе ја зацврсти со реализација на новата продукција на „Царска невеста“ од Римски-Корсаков на „Росини опера фестивалот“ во Пезаро, изведба што ќе добие високопозитивни критики. Во 2015 година, Бебешелеа работел со двајца од најценетите диригенти во светот – Курт Мазур и Бернард Хаитинк. Во 2011 година ќе му биде доделена стипендија за да стажира со престижниот „Концертгебау оркестар“ во Амстердам, каде што имал можност да работи со големи диригентски имиња, меѓу кои и со Марис Јансонс, Хаитинк, Херберт Бломштед, Кристоф фон Донани, Давид Зинман… – дополнуваат од Филхармонијата.