Под мотото „Идеи, светови“, Филозофскиот Филмски Фестивал пролетва ќе го започне своето десетто, роденденско издание.
Фестивалот ќе се одржи од 21 до 31 мај, понудувајќи ѝ ги на културната јавност „ФФФ Пролетните онлајн миграции“, односно онлајн издание по примерот на бројни фестивали низ целиот свет. Фестивалската програма на Цинесqуаре ќе биде достапна бесплатно, а за првпат, предвидена е парична награда за победникот во Селекцијата на краткометражни филмови.
Во оваа селекција ќе бидат претставени дваесеттина краткометражмни остварувања од целиот свет по избор на селекторот д-р Дејан Здравков и според двата клучни критериуми за овој единствен фестивал во светот од ваков вид: уметничкиот квалитет и филозофската податливост/релевантност. Победникот од страна на трочленото стручно жири ќе ја добие наградата „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм и соодветна парична награда. Освен тоа, жирито на еден од филмовите ќе му додели плакета за новооснованата награда „Стефан Сидовски – Сидо“, во чест на нашиот професор, филозоф и филмофил, и соработник на Фестивалот од самите почетоци.
Остатокот од програмата, односно Официјалната селекција на долгометражни филмови, Ревијалната програма „Филм-философија“, Меѓународната конференција „Филозофија и филм“, Едукативната програма и ФФФ Караванот, во кои се предвидени бројни филмски остварувања и многу домашни и странски гости и учесници, ќе биде пренасочен наесен, а точните датуми наскоро ќе бидат јавно објавени.
Во рамките на онлајн изданието ревијално ќе бидат прикажани и неколку краткометражни, среднометражни и долгометражни документарни филмови, и електронски ќе биде достапен еден темат „Филозофија и филм“ на националното списание Филозофска трибина (како мал дел од издавачката дејност на Друштвото и Фестивалот). Покрај филмовите, за задржување на специфичната фестивалска магија и фестивалското искуство, преку различни социјални платформи, ќе бидат организирани повеќе модерирани активности: интервјуа, „прашања и одговори“ со режисери, видеоизлагања, Зум-трибина за ковид-19 кризата и состојбата на филмскиот сектор кај нас, а секако и неколку изненадувања. Накратко, десетина дена дестилиран културен воздух полн со „обични и необични идеи“ и мноштво „храбри нови светови“.
„ФФФ Пролетните онјан миграции“ се плод на солидарно партнерство меѓу Филозофскиот Филмски Фестивал (организиран од страна на Филозофското друштво на Македонија), Кинотеката на С. Македонија и македонската ВоД платформа „Синесквер“, со институционална поддршка на Град Скопје, како и неколку други поддржувачи, соработници, пријатели и вљубеници во филмот и филозофијата.