Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар-Митевска продолжува да го освојува светот.
На штотуку завршениот 15. филмски фестивал Евроазија во Казахстан филмот ја освои наградата за најдобро сценарио за сценаристите на филмот Елма Татарагиќ и Теона Стругар-Митевска, информираат од продукцијата „Сестри и брат Митевски“.
Во соопштението се додава дека во конкуренција со побединикот од Кан, корејскиот „Паразит“ и други врвни филмски остварувања, со уште едно признание „Петрунија“ се наметнува како еден од најуспешните филмови годинава.
Месецов „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ ќе биде прикажан на седум фестивали, а ќе започне и кинодистрибуцијата на филмот во Кина.
Јулската турнеја на филмот зочна со фастивалот во Казахстан, потоа продолжува на филмскиот фестивал во Ереван каде исто така е во главната конкуренција.
Следната недела филмот ќе биде преставен пред хрватската публика на двата најпрестижни фестивали во Хрватска „Пула“ и „Мотовун“ филм фестивал.
Потоа Австралискиот дистибутер го носи филмот во Нов Зеланд на пред-премиерно прикажување на „Њу Зеланд интернешнл филм фестивал“.
Како подготовка за кинеската дистибуција, кинескиот дистибутер филмот како пред-премиера го прикажува на „Фрст интернешнл филм фестивал“ во Кина.
Покрај тоа, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ ќе ја има привилегијата да биде филм на затварање во Украина на меѓународниот филмски фестивал во Одеса.
Од продукцијата нагласуваат дека „Петрунија“ за половина година веќе ја заобиколи планетата и веќе се здоби со шест награди, а филмот ќе биде дистрибуиран во над триесет и пет земји низ целиот свет.
Во моментов се уште се прикажува во киносалите низ Франција и Швајцарија веќе дванаесета недела, а прикажан e и на триесетина фестивали.