Јужнокорејскиот филм „Паразит“ на режисерот Бонг Јон Хо е добитникот на наградата „златна палма“ на 72-от Кански фестивал, гран при доби „Атлантик“, филмот на режисерката со сенегалско потекло Мати Диоп, додека браќата Дарден ја добија наградата за режија за филмот „Младиот Ахмед“. За најдобар актер на годинашното фестивалско издание е прогласен Антонио Бандерас за улогата во филмот „Болка и слава“ на Педро Алмодовар. Актерката Емили Бичам ја доби наградата за најдобра женска улога толкувајќи ја улогата на научничка и мајка во филмот „Малиот Џо“ на режисерката Џесика Хауснер. Меѓу другите, наградата за сценарио ѝ припадна на Селин Скиама за сценариото на филмот „Портрет на девојка во оган“.
Во своето обраќање на свеченото врачување на наградите, во саботата вечерта, Антонио Бандерас, меѓу другото, истакна дека наградата му ја посветува на Педро Алмодовар.
Годинава во конкуренција за престижната „златна палма“ беа 19 филма од светот, а за наградите одлучуваше 9-члено жири предводено од мексиканскиот режисер и оскаровец Алехандро Гонзалес Ињариту.
Почесната „златна палма“ му припадна на актерот Ален Делон.