По фестивалското затишје поради коронавирусот, филмот на Манчевски го продолжува походот по светските фестивали. Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски е селектиран во официјалната натпреварувачка програма на 10. Филмски фестивал во Пекинг, каде ќе присуствува и режисерот.
Фестивалот ќе се одржи кон крајот на август годинава, а заедно со Шангај, Бусан, Хонгконг и Токио е во петорката најголеми во Азија.
„Врба“ беше прикажан и на 39. Филмски фестивал во Истанбул, кој, поради светската пандемија предизвикана од коронавирусот се одржа онлајн. Петнаесетте одбрани филмови на фестивалот, меѓу кои и „Врба“, фестивалската публика можеше да ги види со купен билет за онлајн прикажување.
Турската критика го нарече „Врба“ „Веројатно најдобар филм на фестивалот“. Ердоган Митани, критичарот на најстариот реномиран весник во Турција, „Џумхуријет“ во освртот под наслов „Фестивалски допинг во денови на рестрикција“ вели „Без преувеличувања, еден контролиран сензибилитет со извонредна природност нѐ води од минатото кон денешницата; филм со три засебни приказни на три жени, кои иако се од различни времиња и во различни состојби, низ јадовите што ги преживуваат си ги надополнуваат судбините небаре станува збор за една личност.“
Сите досегашни филмски остварувања на Манчевски, низ годиниве, беа селектирани и прикажани на овој фестивал со долгогодишна традиција и еден од најголемите во Европа. Неговите филмови се изучуваат на универзитетите и во Турција и во Кина. Во 2017 Манчевски беше и првиот македонски уметник со ретроспективно претставување во Азија, во Шангај имаше циклус филмови, изложба, книга и предавање.
По светската премиера на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година, каде што беше поздравен со шестминутни овации, и по македонската премиера и киноприкажување од два и пол месеци кога ги сруши рекордите на гледаност, „Врба“ беше и дел од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј, Талин, ФЕСТ во Белград, Бенгалуру во Индија, и Синеквест во Калифорнија.
„Врба“ ја освои и наградата Најдобар филм во програмата Недела на режисерите на 40. издание на филмскиот фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, како и наградата за најдобар филм на камерниот фестивал на независни филмови во Велингтон, Нов Зеланд.
Во Македонија филмот беше прикажан на Македонската Радио-Телевизија, како и на два домашни фестивали, „Златна рамка“ и „Фестивал на современи ирански и македонски филмови“.
„Врба“ беше поканет и на низа други фестивали, меѓу кои и Хамбург, Софија и Шангај, но поради светската пандемија тие беа откажани или одложени, па проекциите во Истанбул и Пекинг се всушност враќање на филмот во фестивалски живот.
Во главните улоги настапуваат Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Камка Тоциновски, Никола Ристески, Ненад Нацев, Петар Мирчевски и Ратка Радмановиќ. Филмот е македонско-унгарско-белгиско-албанска копродукција и беше поддржан од Агенцијата за филм како филм од посебен интерес.