Ме прашавте дали мислам дека мојата проза променила нешто во културата и одговорот е не. Се разбира, имаше некои скандали, но луѓето се постојано скандализирани, за нив тоа стана начин на живот. Тоа ништо не значи. Ако ме прашате дали би сакал мојата проза да промени нешто во културата, одговорот и натаму е не. Она што сакам е да ги поседувам своите читатели додека ја читаат мојата книга – да ги поседувам на начин на кој ниеден друг писател не може, изјави Рот во едно свое интервју
„Простатлакот е храброст на кукавиците и на инфериорните“, се зборови на Филип Рот, славниот американски писател, кој кон крајот на минатиот месец замина од овој свет во 86-та година од животот. Веста одекна низ планетата, а како што јавија агенциите, негов близок пријател соопштил дека починал од срце.
Роден е во Њу Џерси во 1933 година во ситуирана фамилија на американски Евреи, студирал јазик и книжевност, бил професор на повеќе американски универзитети, ги освои публиката и критиката уште со својата прва книга, „Портноевата болка“, а во децениите што следуваа објави над 30 дела. Меѓу другото се занимаваше со американско-еврејското милје, темите на идентитет, антисемитизам, сексуалност, историја…
Книжевноста за него беше „сила изникната од дрскоста на зборовите да им се вдахне живот“. И светската и американската читателска публика ја освои со делата: „Портноевата болка“, „Американска пасторала“; „Се омажив за комунист“, „Духот излегува“, „Професор на желби“… Високо се котираше на листите за Нобеловата награда за која со години беше кандидат, но не ја доби. Но добитник е на други престижни награди: „Пулицер“, „Букер“, Национален медал за уметност…
Неговите книги се преведувани низ светот, имаат завидни тиражи, за нив се зборува и пишува, биле инспирација за други дела. По славениот роман „Човечка дамка“ од 2000 година е снимен истоимениот игран филм со Никол Кидман и со Ентони Хопкинс во главните улоги, додека книжевните познавачи неговиот роман „Завера против Америка“ (2004), во кој се занимава со алтернативната историја, го означуваат како едно од најинтригантните Ротови дела.
Но освен по книгите, славниот Филип Рот ќе остане запаметен и по своите изјави за јавноста, како и по отвореното писмо до Википедија: „Статијата содржи сериозни невистини (…) не дошла на Википедија од светот на вистинољубивоста, туку од дрдорењето на литерарни трачеви – во неа нема ни трошка вистина“.
За „Париз ривју“ во 1984 г. изјави: „Ме прашавте дали мислам дека мојата проза променила нешто во културата и одговорот е не. Се разбира, имаше некои скандали, но луѓето се постојано скандализирани, за нив тоа стана начин на живот. Тоа ништо не значи. Ако ме прашате дали би сакал мојата проза да промени нешто во културата, одговорот и натаму е не. Она што сакам е да ги поседувам своите читатели додека ја читаат мојата книга – да ги поседувам на начин на кој ниеден друг писател не може. Потоа да ги оставам да се вратат, баш какви што биле претходно, во светот во кој сите други сакаат да ги променат, убедат, предизвикаат и контролираат“.
На прашањето од новинар што се однесувало на неговите претходни закачки дека за 25 години повеќе никој нема да чита, одговорил: „Во врска со тие 25 години всушност бев оптимист. Не, мислам дека тоа ќе биде работа на култ. Мислам дека луѓето секогаш ќе читаат книги, но тоа ќе биде мала група луѓе – можеби повеќе одошто денес читаат поезија на латински јазик, но приближно толку… Работата е во печатот. Во тоа е проблемот. Во книгата. Во тој објект сам по себе. Читањето роман бара извесно количество концентрација, фокус, посветеност. Ако ви требаат повеќе од две недели да прочитате роман, вие всушност не ни читате. Затоа мислам дека до тој вид концентрација, фокус и внимание тешко се доаѓа. Тешко е да се најдат огромен број луѓе или голем број луѓе незанемарлив број луѓе со тие квалитети.“
Во 2012 г. агенциите пренесоа дека изјавил дека се повлекува од книжевноста.
– Сакав да видам дали со пишувањето само без врска сум го потрошил времето. Заклучив дека сум бил мошне успешен. На крајот на животот боксерот Џо Луис изјавил дека на најдобриот можен начин го искористил она со што располагал. Токму истото тоа можам да го кажам за својата оставина. Го направив најдоброто што можев со она што го имав – изјави Рот.