Единствениот фестивал во земјава, кој ја слави музиката што влегува во категоријата музика од светот (world music), ќе се одржи викендов во Битола.
Три дена музика ќе може да се чуе на големата сцена на Центарот за култура, кој е организатор на фестивалот.
Селекторот Владимир Димовски годинава се одлучи за програма која ќе биде патување од танго, преку џез, до етно-звуци од Балканот и македонски шлагери, како и вклучување на електронската музика во неофицијалната програма.
На првиот фестивалски ден, в петок, ќе настапи „Либеркватро танго енсамбл“ од Србија. Состав, кој тангото го комбинира со џез во мелодиски и ритмички обрасци.
Балканскиот славеј, Билјана Биља Крстиќ, в сабота, на втората фестивалска вечер ќе настапи придржувана од Камерниот оркестар на Битола.
На последната фестивалска вечер, грст македонски евергрини ќе испеат вокалните солисти Бојан Стојков, Димитар Андоновски, Јасна Димитровска, Зарина Прва Севда, Тамара Стојковска и Нико Ѓоргиевски на концертот на Битолскиот дувачки оркестар.
– Музиката ја има таа моќ да нè прошета низ минатото, сегашноста и иднината, да ни открие цели светови и да нè сокрие во еден подобар универзум. Нашиот фестивал силно ја прегрнува музиката од светот и го отвора срцето на градот, претворајќи го во лулка на уметноста. Во трите фестивалски дена ќе се слеат различни музички правци, а нашиот фестивал ќе стане пристаниште на домашни и странски уметници кои го говорат универзалниот јазик на музиката. Радост е да бидеш директор на Фестивал на музика од светот, особено во едно време на предизвици, кое нè потсети на минливоста на животот и бесмртноста на уметноста. Затоа нека живее уметноста која ќе го спаси светот и ќе го обои во боите на надежта – напиша Маја Андоновска Илијевски во каталогот што го издава фестивалот.
Фестивалот последните години има и оф-програма. Годинава локацијата за истата е центарот на електронската музика во тој регион, клубот „Јагода“, со гости диџеи-артисти од Грција и домашна локална поддршка.