На годинашниот Светскиот ден на книгата и на читањето – 23 април, Кинеска интернационална издавачка група започна кампања „Читајте книги на интернет“. Кампањата ја спроведуваат седумте издавачи, кои работат во рамките на групацијата ЦИПГ, со тоа што избраа по еден партнер од странство, за двојазично читање на исти извадоци од книги. Еден од тие седум издавачи е „Делфин букс“, со кого соработува „Македоника литера“ и со кого копродукциски веќе издадоа 13 тома од едицијата „Најдобрата кинеска литература за деца“.
„Делфин букс“ за партнер ја избра „Македоника литера“. Кампањата започна со читање исти извадоци од страна на првите луѓе на издавачките куќи. Извадок од книгата на познатиот кинески писател Џанг Ќиушенг „Приказни големи колку дланка“ (која е дел од едицијата „Најдобрата кинеска литература за деца“) читаше директорот на „Македоника литера“ Нове Цветаноски, а на кинески јазик претседателот на „Делфин букс“ Ванг Леи. За време на настанот, со претседателите на кинеските издавачки куќи, учествуваа и првите луѓе на издавачки куќи од Полска, Белорусија, Либан, Јапонија, Перу, Македонија и од Шпанија.