За да остане верен на својот карактер, Салвадор Дали секое утро го започнувал со дневна доза на важност, односно се будел со чувството на врвно задоволство да се биде Салвадор Дали и си го поставувал прашањето што неверојатно нешто ќе направи тој ден.
Надреалистот не е единствениот ранобудник со ритуал меѓу уметниците, иако повеќето се буделе со горко кафе и помала доза на его. Пабло Пикасо одел во атељето во Париз околу два часот попладне, а Џејсон Полок спиел по цел ден, а работел ноќе. Во оваа листа не спаѓаат уметниците што се буделе попладне, туку оние што станувале на десна нога.
Енди Ворхол
Во текот на работната недела меѓу 1976 и 1987 година, Енди Ворхол се будел рано и веднаш се фаќал за телефонот да разговара со неговиот пријател Пет Хакет за да му го раскаже претходниот ден. Разговорите траеле и по два часа, па потоа Ворхол се туширал, се облекувал и појадувал во кујната заедно со своите два јазовичари и куќните помошници. Утрото му било резервирано за купување во аукциските куќи и во продавниците за стари предмети. Ворхол со себе секогаш носел неколку примероци на списанието „Интервју“, кои им ги оставал во продавниците за да се рекламираат во него или ги делел на обожаватели.
Роберт Раушенберг
Раушенберг денот го почнувал со „здрав и убав појадок“. Земал витамини, а потоа пиел еспресо, некогаш двојно или тројно што за него било доволно за да му даде енергија во текот на денот. Но утринскиот ритуал му бил врзан за телевизиската сапуница „Млади и неуморни“. Во неговото студио постојано гледал други разни вакви телевизиски програми, затоа што очигледно му била потребна визуелна стимулација. Раушенберг бил опседнат со фотографии од весници, па дури и од модерни списанија, кои ги користел за креирање на колажи.
Луиз Буржуа
Луиз Буржуа имала „вообичаено утро“. Секое утро по будењето, пиела чај и јадела џем директно од тегла. Денот морал да ѝ започне со нешто слатко за да може да функционира. Во 10 часот одела во студиото во Бруклин. Сакала да работи во тишина и самотија, а ја вознемирувале дури и најтивките звуци. Уметницата обично наутро била физички активна преку подготвувањето на заварувачите и другите технички асистенти. По ручекот одмарала неколку часа за подоцна навечер да може да се посвети на изработувањето на скулптурите.
Вилем и Илејн де Кунинг
Вилем де Кунинг не бил ранобудник. Кога бил млад неволно се будел околу 10 или 11 часот и веднаш пиел неколку шолји силно кафе. Потоа сликал цел ден, а правел пауза само за вечера или доколку пријателите му доаѓале на гости.
Дури и во бракот не ја нарушил својата утринска рутина. И кога стапил во брак со неговата колешка Илејн Фрид, двојката се будела доцна наутро. Наместо појадок, пиеле кафе со млеко, кое го ладеле на надворешната рамка од прозорецот на зима, затоа што фрижидерите биле скапи и не можеле да си дозволат. Со голема доза на кофеин во себе оделе во заедничкото студио, а таму правеле пауза само за нова шолја кафе и цигара.
Хуан Миро
Миро цврсто се држел до својата утринска рутина, затоа што се плашел да не му се врати тешката депресија, која ја надминал кога бил млад. Кога живеел во Барселона со сопругата и ќерката, секој ден се будел во шест часот. Се капел и потоа имал лесен појадок со кафе и леб пред да седне пред штафелајот. Сликал од седум наутро до пладне, а потоа излегувал од студиото за да вежба еден час.
Миро сериозно бил посветен на вежбањето, затоа што на тој начин се справувал со депресијата. Во Барселона скокал со јаже и вежбал шведска гимнастика во сала. Додека живеел во Париз тренирал бокс, а во Каталонија пливал и трчал покрај плажата.
Марина Абрамовиќ
За време на изведбата на најпознатото дело на Абрамовиќ „Уметникот е присутен“, во галеријата на Музејот на модерна уметност (МОМА) седела неподвижно седум часа на ден (10 часа в петок), шест дена недело, 11 недели по ред. Како и за повеќето од нејзините уметнички дела, морала физички да биде добро подготвена што наложувало строг дневен режим.
Еден од најтешките предизвици било конзумирањето на доволно количество вода, бидејќи во текот на изведбата таа воопшто не пиела и не внесувала храна. Поради тоа, Абрамовиќ усовршила ноќна рутина според која се будела на секои 45 минути да пие чашка вода. Секој ден се будела во 6:30 наутро додека траела изведбата, а во седум часот пиела вода последен пат во денот. Појадокот се состоел од ориз, леќа и шолја црн чај. Во девет часот возачот ја земал од домот неа, асистентот и фотографот за да ги однесе во музејот. Во наредните 45 минути одела во тоалет четири пати. (За време на изведбата, Абрамовиќ не користела тоалет). Потоа на ѕидовите ја забележувала изведбата од претходниот ден и седела сама 15 минути пред музејот да ги отвори вратите.
Џорџа О’Киф
На Џорџа О’Киф утрото ѝ било најубав дел од денот, затоа што немало никој наоколу. Кога се преселила во Ново Мексико, сликарката се будела пред изгрејсонце. Сама го ложела огнот и си варела чај, потоа се враќала в кревет да го гледа изгрејсонцето. Потоа половина час пешачела низ југозападната пустина, а со себе носела стап за да ги брка змиите.
Обилниот појадок бил резервиран за седум часот, за кој бил задолжен готвач, кој подготвувал намаз, меко варени јајца или кајгана, леб со џем, лути пиперки во масло од лук, сечкано овошје, кафе или чај. Понекогаш наутро се грижела за градината или ги забавувала гостите, но најмногу сакала кога била сама во студиото.
Превод: Билјана Здравковска