Вистинско изненадување завчеравечер на плоштадот во скопската населба Автокоманда претставуваше изложбата на скулптуралната инсталација „Управило и наследството на Мурто“ од Љубиша Камењаров, организирана од културниот центар „КЦ 750“. Намерните и случајните посетители на несекојдневната изложба полека приоѓаа и разговараа со скулпторот и претставниците на центарот, очигледно затекнати од фактот дека го гледаат новото, впечатливо дело на Камењаров, поставено и врзано на зеленото мало „фиќо“, кое станува сѐ попрепознатливо во градот.
– Го стартувавме „КЦ 750“ заедно со Владимир Лукаш, водени од желбата да го разиграме јавниот простор со повеќе културни содржини. Користејќи го култното „фиќо“ како мобилен пункт за одржување културни настани, ќе се обидеме на герилски, партизански, минималистички начин да ја збогатиме културната понуда, сега за сега, на територијата на Скопје. Со оглед на тоа што културните содржини се сконцентрирани главно во центарот на градот, настаните што ќе ги организира „КЦ 750“ главно ќе се одржуваат надвор од него – посочи писателот и член на центарот, Иван Шопов.
Тој најави дека во периодот од 20 до 30 септември центарот ќе организира уште две изложби: на Наталија Лукомска и Ѓорѓе Јовановиќ во Паркот на авионот во Аеродром, а во текот на октомври и работилница за краток расказ.