На 17 септември (вторник) во 20 часот на плоштадот во Автокоманда, во организација на КЦ 750 ќе биде претставена скулптуралната инсталација „Управило и наследството на Мурто“ на македонскиот уметник Љубиша Камењаров, која ќе биде изложена до 19 септември.
Скулптуралната инсталација „Управило и наследството на Мурто“ која е концепциски и ликовно поврзана со претходните дела „Рамнотежист“ и „Управило“, сега како продолжение прикажува како човечката фигура, со поедноставени (апстрахирани) анатомски одлики, која во контекст на просторот и поставеноста, ја отсликува важноста, ја нагласува доминантноста и значењето на субјектот и темата.
Надоврзувајќи се на предходните размисли и нивната реализација преку ликовни средства повторно ја забележува и преиспитува состојбата и поставеноста кај единките и групите, поточно хиерархиската поставеност во нивните меѓусебни односи.
Како алегорија, се препознава старата народна мудрост, која потсетува што е она што ги одредува правилата на игра (и играта воопшто!) и води, управува, влијае на поклониците.