Археолозите ги завршија годинашниве истражувања на неолитскиот локалитет Врбјанска Чука во Кривогаштанско, неоспорно потврдувајќи дека датира од пред 8.000 години, а многубројните наоди го вбројуваат во уникатните не само во Македонија, туку на Балканот и во Европа. Локалитетот ќе биде претставен на конференции во Шпанија, Швајцарија и во декември во Македонија.
Според Гоце Наумов од Центарот за предисториски истражувања на Македонија, посебноста на локалитетот им го привлекла вниманието на европските врвни стручњаци.
– Посебно фасцинира фактот што првпат на овие простори се пронајдени органски отпечатоци на жито од пред 8.000 години. Уникатни дефинитивно за Македонија, но и за балканскиот простор се големите стопански структури што ги откриваме. Досега се седум, кои, пред, сѐ се за чување жито, за обработка, подготовка и печење леб, бидејќи откриваме печки, амбари, сандаци. Специфична е и керамиката, која има посебни форми и декорации, единствени за локалитетот Врбјанска Чука. Сето тоа ние го публикуваме и им го привлекува вниманието на стручњаците од Европа – појасни Наумов.
Лабораториските анализи на остатоците на житото ја потврдуваат староста на локалитетот во 5900 година пред нашата ера, или од пред 8.000 години, а Пелагонија со почетокот на неолитот се издвојува како посебност, со карактеристики, уникатни и во светската археологија.
– Ги завршивме теренските истражувања. Локалитетот ќе биде презентиран на конференции во Шпанија, во Швајцарија, а во декември ќе организираме конференција и во Македонија. Тоа значи дека Врбјанска Чука ќе привлече уште повеќе внимание, а веќе има интерес од врвни стручњаци од неколку универзитети од Европа. Имаме учество на стручњаци од Шпанија, Чешка, од Германија, Словенија каде што се вршат лабораториски анализи. Имаме и конкретни понуди за соработка за наредната година. Тимот и бројот на стручњаците од Европа ќе се зголемат, а тоа ќе значи уште потемелно истражување – рече Наумов.
Тој истакна дека лабораториски ќе се анализираат пронајдените примероци – органските остатоци, семињата, животинските коски, архитектурата, масните киселини, ќе се прават изотопски анализи на остатоците на животни, но и на човечки коски. Истражувањата, кои се прават во соработка со Институтот за старословенска култура од Прилеп, потврдија голема активност на локалитетот Врбјанска Чука и во римскиот и во средновековниот период.