Поранешен илустратор на НАСА создава улична уметност
Тридимензионалните цртежи што ги красат тротоарите на светските метрополи станаа многу популарни во текот на последната деценија. Вистинска атракција е да ги гледате уметниците додека ги создаваат овие необични украси на тротоарите. Американецот Курт Венер беше првиот што ја откри убавината на уличната 3Д-уметност. Тој вели дека ужива да комуницира со луѓето додека создава класични дела што претходно биле достапни само во музејските галерии.
Венер пораснал во Санта Барбара и Монтесито, Калифорнија. Посетувал школа за дизајн на Род Ајленд и колеџ за дизајн, каде што научил многу за цртањето. Пред да почне со своето уметничко патување, тој работел како научен илустратор во лабораторијата за реактивен погон на НАСА. Неговата задача била да толкува податоци од вселенската мисија на „Војаџер“. Меѓутоа, ренесансната уметност му била попривлечна од вселенските авантури, па во 1982 година Венус се преселил во Италија, каде што студирал ликовна уметност и уживал во тамошните музеи, додека се запознавал со работата на најголемите сликари и скулптори на ренесансата. Тоа му овозможило да експериментира со различни медиуми. Архитектот, сликар и дизајнер за накит ги финансирал своите студии работејќи како уличен уметник, а две години подоцна успеал да ги надмине границите и му ја открил на целиот свет убавината на 3Д-уметноста изложена на тротоарите.
– Уличната уметност е инспиративна, затоа што навистина сакам да комуницирам со јавноста за време на процесот на создавање. За мене беше важно да видам како моите слики влијаат на пошироката јавност, односно какви се искуствата и реакциите на луѓето на ваквите дела. За моите дела, избирам теми во кои уметниците и публиката уживале со векови. Сакам набљудувачот да ги препознае и да биде привлечен од елементите во уметничкото дело, а можеби и самиот да има идеи или очекувања – објаснува Венер.
Претходно тој бил посветен на теми од кои чувствувал дека може да учи. Подоцна се фокусирал на историски и митолошки предмети што ги покажаа неговите вистински вештини за цртање. Во последниве години разгледувал теми соодветни за интеракција помеѓу јавноста и сликите, а исто така го привлекувало експериментирање со иновации во геометријата со перспектива. Како голем љубител на ренесансната уметност, тој претпочита да остава дела од тој период со креда на тротоарите.
– Многу уметници што создаваат 3Д-уметност на тротоарите прават слики слични на фотографии или во попарт-стил, додека моето дело личи на уметничко дело што би очекувале да го видиме изложено во музеј. Наместо тоа, се обидов ваквите дела да ги направам дел од амбиентот на улицата. Постојат многу брилијантни и креативни уметнички идеи и изрази што не се истражуваат повеќе од еден век. Тоа е одличен извор на трајна инспирација за мене на сите полиња и на ист начин сум инспириран и како архитект и како дизајнер – вели уметникот.
Венер е задоволен што ја покажува убавината на ренесансата пред пошироката јавност и смета дека уметноста не треба да биде привилегија само на одреден број луѓе, туку дел од животот на сите нас.
-Движењето за современа уметност настојува да се ставаат огромни цени на тешко разбирливите уметнички дела, кои беа промовирани како производ на големите уметнички умови. Таквиот пристап честопати резултира со незаинтересираност на мнозинството за уметноста. Се надевам дека секој уметник ја прифаќа идејата дека успехот на едно ремек-дело е поврзан со можноста да стане поважен елемент во секојдневниот живот на луѓето – проценува сликарот.
Уличната уметност е специфична и по тоа што творецот мора да ја разбере и да сочувствува со јавноста.
– Ликовните уметници може да се обидат да ја едуцираат јавноста, да ја промовираат својата визија или верување, но првенствено е да ја почитуваат публиката и да ја вклучат во нивните идеи. Интерактивниот аспект на уметничкото дело стана поистакнат во последниве години. Верувам и се надевам дека ќе се постигне траен ефект во смисла на промена на односот помеѓу уметниците и јавноста – укажува Венер.