Уметницата Татјана Труве подигна копија од францускиот весник „Либератион“ кон средината на март и наиде на апокалиптична насловна страница со наслов: „Еден ден претходно“. Тоа се случи токму во моментот кога во Франција беше воведен целосен карантин и ја инспирира да започне проект, во кој таа ги реобмислуваше насловните страници на весниците од државите од целиот свет, кои беа во карантин.
Италијанската уметница, која живее во Париз, сега е авторка на 40 дела што се засноваат на наслови од весници од 34 различни земји.
– Идејата беше дека преку читање на весниците ќе излезам од карантинот и ќе дознаам за животот надвор од мојот стан и студиото. Се работеше за поврзаност со остатокот од светот надвор од моето студио – рече таа.
Бројот 40 има значење во Франција затоа што тоа беше првичниот број на денови на кои им беше речено на граѓаните дека ќе бидат во карантин. Правилата според кои весниците би се вклучиле во проектот биле едноставни: тие би потекнувале од земји што се сериозно погодени од пандемијата, нема да има таблоиди и ништо од државните медиуми. Весниците како „Ла стампа“, „Њујорк тајмс“, „Ел пас“, „Вашингтон пост“ и „Гардијан“, беа вклучени, откако Труве ќе испечатеше дигитални изданија и потоа ќе ги променеше користејќи боја и други материјали, вклучувајќи масло од ленено семе.
– Понекогаш само ќе насликав нешто врз насловната страница и ќе вметнев некој момент од мојот секојдневен живот. Другпат, цртежот беше реакција на она што го читав. Некои од насловните страници навистина влијаеја врз мене, па затоа се обидов да го нацртам она што го чувствував – вели Труве.
Резултатот е огромен колаж на насловните страници на весниците што ја раскажуваат приказната за порастот на пандемијата со фотографии од медицински лица во заштитна опрема, прошарани со слики од животот на Труве, како на пример, на нејзиното куче Лулу. Таа го опишува како „еден вид дневник, ден за ден, во моето студио, со Лулу, моите проекти и карантинот“.
Во време кога падна довербата во новинските организации, заедно со физичката продажба, Труве, која е најпозната по скулпторските дела во „Централ парк“ во Њујорк, верува дека проектот ја истакнува потребата за добро пренесени вести.
– Не сакав лажни вести. Сакав весници што беа искрени за остатокот од светот. Не верувам во вестите што ги читам на Фејсбук. Луѓето треба да направат подобри избори и за да ги добијат најдобрите информации – вели уметницата.