Уметникот и скулптор со седиште во Престон, Ентони Паџет, на појавата на коронавирусот одговори на најдобриот начин што го знае. Тој наслика нова слика за која се надева дека ќе собере средства за специјален фонд за кризи. Сликарот, кој исто така е популарен на локално ниво и како учител по танцот џајв, веќе го затвори својот бизнис поврзан со предавање уметност и танцување.
– Мојата иднина е неизвесна, но моето срце им излегува во пресрет на сите луѓе и семејства што се погодени од вирусот или кои ги загубија своите работни места и имаат сметки за плаќање. Важно е да бидеме заедно во време на криза и се надевам дека ќе дадам сѐ од себе во текот на наредниот период. Во меѓувреме, би сакал да ја понудам сликата „Ц“ за аукција на „И-беј“ – посочи Паџет.
Тој додава дека тоа е неговото емоционално изразување на ужасот од вирусот и храброста на оние што се наоѓаат во првите борбени редови.
– Тоа го покажува ширењето на вирусот низ целото платно од десно кон лево со здравствениот работник од десната страна што се заразува со него – објаснува уметникот.
Делото е акрил на платно 40 см на 50 см и е наведено на „И-беј“ со почетна понуда од 200 фунти. Паџет вети дека сите пари ќе одат во Националната фондација за вонредни состојби (НЕТ), која соработува за добротворни цели и со други организации за поддршка на жртвите во време на катастрофа.
Ентони Паџет работи во „Брли студиото“ во Престон и минатата година ја изложи својата серија слики „Година со Пикасо“ во Рибчестер.