Спој на младост и виртуозност, како и разнолика програма на реперотарот на фестивалот „Охридско лето“ приредија вчеравечер турските уметници, виолинистот Озџан Улуџан и пијанистката Бирсен Улуџан.
Во амбиентот на акустичната „Света Софија“ ужуваа и самите уметници кои првпат се во Македонија.
Пијанистката Бирсен раскажа дека поминале низа турбулентни мигови на незивесност пред да настапат на „Охридско лето“ и се изненадени што се првите уметници кои во екот на пандемијата од ковид-19 ја напуштиле Турција за да настапат пред македонската публика во Охрид.
– Концертот беше полн со изненадувања бидејќи првпат доаѓаме во Македонија и многу пати ни ги променија авионските карти, потоа ни се откажаа летовите, па менувавме летови и тајминг, но сепак стигнавме. Сѐ беше многу добро организирано за настапот. Мислам дека ние сме првите уметници што излегоа од Турција за време на оваа пандемија за да настапат на фестивал – рече Бирсен.
Турските уметници доловија дела од различни композитори.
– Свиревме различни стилови, многу разнобојна презентација. Започнавме со Соната за виолина и пијано е-мол од Моцарт, ја донесовме Свитата за виолина и пијано „Демет“ од турскиот композитор А.Аднан Сајгун, преку дело на Дебиси, за да завршиме со Соната за виолина и пијано од Штраус чии дела се големи и многу театрални, како опера – додаде пијанистката.
Двата биса на вечерта, младите уметници го посветија на големиот македонски композитор Томислав Зографски, изведувајќи ја неговата Свита за виолина и пијано, а потоа и „Полонеза“ од Виењавски.
– Заглавени сме во тешки времиња, но музиката мора да продолжи и да се споделува меѓу луѓето. Поради актуелната здравствена ситуација, повеќето концерти се одржуваат од дома и се емитуваат на малите екрани, но „Охридско лето“ е еден од ретките фестивали во светот што годинава и покрај наметнатата здравствена криза, успешно ја продолжи својата долгогодишна традиција. Задоволен сум и од организаторите, и од публиката – изјави виолинистот Озџан Улуџан.
Двајцата турски уметници кои инаку се родени во Бугарија, иако млади, зад себе имаат богата музичка кариера, настапувајќи со најреномираните европски камерни оркестри, како и со звучни имиња од светот на класичната музика. Освен како солисти и камерни музичари, братот и сестрата Улуџан се истакнати педагози.