Пијанистот со светско реноме Симон Трпчески со својот емотивен проект „Македонисимо“ во Белград приреди вистински празник на македонската традиционална музика. Во преполната сала на престижниот „Коларац“ публиката имаше ретка можност да ужива преку виртуелната обработка на најубавите македонски традиционални мелодии, главно од играчки карактер, кои специјално за петчлениот камерен состав ги обработи композиторот Панде Шахов.
– Многу ми е мило што сум во Белград, кој е еден голем центар, со голема традиција, и гледачите ќе можат да чујат музика што ја познаваат и сакаат, а ние ќе им приредиме една многу убава вечер – изјави Трпчески во пресрет на концертот во Белград
Белградската публика уживаше и ја откриваше обработката на Панде Шахов на традиционалните македонски мелодии, кои од класична варијанта, умешно се испреплетуваа во џез и во традиционална музика, според што и сплетот на народните игри во „Македонисимо“ е наречен „Плетенка“.
Невозможниот спој на сето ова, покрај маестралниот Трпчески на пијано, го овозможија и Александар Краповски на виолина, Хидан Мамудов на дувачки инструменти, Александар Сомов на виолончело и перкусионистот Влатко Нушев, сите специјално за овој концерт дојдени во Белград од европските концертни сали.