Жирито во состав Ива Димовски (историчарка на уметноста), Велимир Жерновски (ликовен уметник) и Јане Чаловски (ликовен уметник) едногласно одлучи наградата „најуспешен автор и дело“ на 13. Меѓународно биенале на млади уметници „Страст за лутање“, во организација на Музејот на современата уметност (МСУ), рамноправно да им ја додели на авторите: Наташа Неделкова (Македонија), за делото насловено „Ткива на идентитет“, видео, 2020; Дарко Алексовски (Македонија), за делото „Никогаш незаљубен“, просторна и видеоинсталација, 2019; и Дритон Селмани (Косово), за скулптурата „Не но не (или обратно)“, 2019.
За првпат наградата, која се состои од самостојна изложба во МСУ, им се доделува на тројца автори и дела, кои жирито ги доживеа како најубедливи достигнувања претставени на Биеналето. Истовремено, со оваа одлука се истакнува и потребата од поголема изложбена застапеност на младите автори во музеите, поддршка во развојот на нивната уметничка практика и потенцирање на потребата за уште посуштинско и критичко промислување на темите, кои овие автори во овој момент се подготвени да ги отворат и споделат со публиката.
Наградените автори ќе имаат можност да остварат самостојна изложба во Музејот на современата уметност, со средства што ќе бидат обезбедени од годишната програма на Министерството за култура.