Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска се закити со уште три престижни награди. На штотуку завршениот фестивал „Ол абаут фридом“, филмот ја доби главната награда за најдобар филм.
Фестивалот се одржува во Гдањск, Полска, и е поддржан од Европската комисија. Главната награда што ја освои „Петрунија…“ е парична, во вредност од 7.000 евра.
Полскиот дистрибутер на филмот „Аурора филмс“ планира да ја започне дистрибуцијата во Полска на почетокот на следната година.
На Тузланскиот филмски фестивал во Босна и Херцеговина филмот ја освои главната награда „златната вила“ за најдобар филм.
Уште едно признание, овој пат за главната актерка, доаѓа од штотуку завршениот Македонски филмски фестивал во Торонто, каде што Зорица Нушева ја освои наградата за најдобра женска улога.
Во октомври, филмот патува дури на десет фестивали низ светот, со што веќе се приближува на околу седумдесет фестивалски прикажувања досега, а според неверојатната есенската фестивалска побарувачка, сигурно нема да застане на оваа бројка.