Како дел од програмата на „Златна рамка 2020“, в недела, со почеток во 11.30 часот, во киното „Фросина“ ќе се одржи трибина, насловена „Жената во македонскиот филм“. Во насока на сите заложби за подобрување на статусот на филмските работници, се очекува широка дискусија за улогата и статусот на жените вклучени во сите сегменти на реализација на еден филм.
Воведни говорници се: Наталија Теодосиева, актерка, Кристина Леловац, актерка, Емилија И. Атанасовска, костимографка, Даријан Пејовски, режисер, и
Перо Арсовски, актер. Модератор на трибината е филмскиот критичар Влатко Галевски.
Во интерес на подобрување на состојбите, потребна е масовна посетеност на трибината. Предизвикот на оваа трибина е да се дадат одговори на голем број прашања како: колкава е застапеноста на жените во домашната кинематографија, какви биле женските актерски улоги во минатото, а какви се денес, колку во сценаријата авторите ги истакнуваат сите идентитети на еден женски карактер, дали во филмската индустрија жените продуценти заземаат доволно место и колку се почитува пожртвуваноста на актерките во нивната професија…