„Македоника литера“ го објави третото издание на романот на Душко Родев „Човекот што ги сакаше калинките“, кој е награден со „Роман на годината“ за 2010 година. Станува збор за историски роман за вистински личности и автентичен настан од почетокот на 20 век. Кога познат и авторитетен македонски војвода, борец за ослободување, сака да се жени со девојка од својата чета, љубовта и за двајцата станува сурова и трагична.
Во романот се преплетуваат повеќе теми и прашања: револуционерната честитост, индивидуалните величија и подлости; човечката љубов и револуционерниот морал; можноста на чистата љубов во услови на револуционерните превирања, дискретно сугерирана дилема – го ништи ли револуцијата највисокиот човечки квалитет – љубовта; каква ли ќе е слободата што не умее да застане зад една чиста човечка врска. Инспириран од реална приказна, романот на Родев се доживува како творба што го надминува времето за кое говори и се легитимира како книга со безвременска актуелност на идеите што ги излачува.