Претставата „Том Соер“, која ќе ја пренесе најмладата публика во еден необичен свет полн со палави игри, неизвесност, детска љубов, хумани подвизи и многу шеги и смеа, ќе биде изведена вечерва, во 19 часот, во Театарот за деца и младинци.
Ова е приказна за авантурите на Том Соер и неговиот неразделен другар, Хаклбери Фин, за нивната хуманост и храброст, приказна за детската љубов, а во исто време е и приказна за славата, за таа „круна“ што сите во нивното гратче сакаат да ја носат.
Режијата е на Деан Дамјановски, додека пак драматизацијата на Горјан Милошевски.
Улогите во претставата ги толкуваат: Бојан Кирковски, Мики Анчевски, Драган Довлев, Емра Куртишова, Мартин Јорданоски, Ненад Митевски, Винета Дамческа, Симона Спировска, Наташа Петровиќ и Марија Ѓорѓијовска. Сценографијата е на Филип Коруновски, додека, пак, костимите се на Елена Вангеловска. За музиката се погрижи Горан Трифуновски-Пајак.