Во Театарот за деца и младинци-Скопје утревечер премиерно ќе биде изведена куклената претстава „Тоби“ според текст на Флоријан Зденек. Адаптацијата на текстот и режијата е на Драгослав Тодоровиќ од Белград.
Во „Тоби“ играат Марија Ѓорѓијовска, Катарина Илиевска Силјановска, Винета Дамческа Мојаноска, Ана Левајковиќ Бошков и Мики Анчевски. Креацијата на куклите, костимите и сценографијата е на Ирина Сомборац од Белград, со помош на Кирил Василев и Љубица Велкова како помошници. Видео анимацијата е на Емил Петро, композитор е Виктор Апостолоски.
Директорката на Театарот за деца и младинци Катарина Илиевска Силјановска на денешната прес-конференција рече дека претставата е исклучително шарена и убава, наменета за најмладата публика и со кукли кои досега ги немал Театарот.
Режисерот Тодоровиќ истакна дека со задоволство и леснотија работеле со екипата.
– Претставатата не е моја, таа е наша. Текстот е многу интересен за мали деца, но и за адолесцентите бидејќи тие имаат најмногу превирања кога доаѓаат лудите или магарешки години, кога ништо не им се допаѓа на нивното тело. Постојано имаат незадоволство, се додека не ја согледаат личноста, а не ликот, рече Тодоровиќ. Додаде дека претставта е за децата, но и за возрасните кои ги носат во театар.
Марија Ѓорѓијовска која го игра кучето Тоби рече дека целта на претствата е да бидеш таков каков што си, онака како што те создала природата.
Актерската екипа нагласи дека имале одлична соработка со режисерот, учеле, се надополнувале едни со други и уживале во подготовката на претставата.