„Театро реал“ беше една од првите оперски компании што се вратија во изведби во живо во пандемијата, според жирито што ги доделува Меѓународните оперски награди. Оваа оперска куќа во Мадрид меѓу првите во Европа ги отвори своите врати за публиката откако во многу земји пандемијата доведе до затворање на културните институции. Поради тоа театарот ја освои наградата за најдобра оперска куќа.
– „Театро реал“ беше признаен по својата одлична 2019 година и исто така затоа што беше една од првите оперски компании што се вратија со изведби во живо во услови на заклучување, со прославената „Ла Травијата“ во јули 2020 година – се вели во соопштението на Меѓународните оперски награди, кои се пандан на „оскарите“ на Американската филмска академија во оперскиот свет.
Хрватската оперска пејачка Лана Кос (36) ја имаше главната улога во „Травијата“, изведена во салата „Театро реал“ во срцето на Мадрид. Сопранот Кос ја одигра својата најпозната улога во ова дело на италијанскиот автор Џузепе Верди, улогата на Вајолет Валери, куртизана подготвена да се жртвува за љубовта. Тоа е приказна за една млада жена, чиј живот полека се гаси поради туберкулозата, болест слична на денешниот коронавирус.
Операта, изведена пред максимум 867 гледачи, во сала што вообичаено прима 1.750 посетители, беше првото дело изведено во Мадрид, градот што беше најсилно погодената европска метропола во тоа време. Кос тогаш изјави дека таа „никогаш нема да го заборави тој перформанс“.
– Ова длабоко го доживеав. Секојпат кога ќе помислев „Боже, некој што седи во публиката изгубил некој близок или некој негов близок е болен“ – рече таа по настапот, додавајќи дека нејзините очи се насолзиле кога публиката аплаудирала со маски на лицето.
Церемонијата на доделувањето на Меѓународните оперски награди се одржа преку интернет и церемонијата беше пренесувана од Лондон. Наградите беа доделени за 2019 година, бидејќи минатата година церемонијата беше откажана поради вирусот. Сепак, за време на доделувањето на наградите, беа оценети и достигнувањата за време на кризата во 2020 година, кога беа затворени голем број театри во светот, а изведувачите се најдоа во егзистенцијални проблеми.
За најдобра оперска пејачка е прогласена норвешката сопранистка Лисе Давидсен, додека мексиканскиот тенор Хавиер Камарена ја зеде титулата за најдобар оперски пејач, посветувајќи ѝ ја наградата на „целата уметничка заедница“.