Театарската претстава „Ромео и Јулија“ во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски ја доби највисоката театарска награда во Турција.
Театарскиот „Оскар“ на ансамблот му беше доделен на гала свеченоста на Турската академија „АФИФЕ ЗАЛЕ“, одржана вчера во Истанбул. Театарските „Оскари“ се најпрестижната театарска манифестација во Турција.
Претставата „Ромео и Јулија“ е во продукција на Националниот театар од Турција, а во уметничката екипа, покрај професионалци од Турција, од Македонија учествуваа и композиторот Горан Трајковски, кореографката Олга Панго и асистентот на режија Атила Клинче.
Премиерно претставата на Пројковски беше изведена есента минатата година на сцената на Националниот театар во Истанбул и веднаш постигна одличен успех и кај публиката и кај критиката, која уште тогаш најави дека ќе биде „голем кандидат за годишните театарски награди“.
Во својата рецензија, еден од најистакнатите театарски критичари во Турција, Јашам Каја, меѓу другото, напиша: „За да ја опишам оваа претстава, нема да згрешам доколку го искористам зборот – совршена, додавајќи дека „приказната која е ставена во еден чин, а трае повеќе од 2 часа, не остава простор за потреба од пауза, бидејќи секако ќе ја гледате во еден здив “.
Претставата е на редовниот репертоар во Истанбул и има најмалку по 14 изведби месечно.