Театарскиот перформанс „Јас сум актер – човек“ вечерва во Кавадарци

По повод одбележувањето на светскиот ден на театарот вечерва во 20 часот на сцената на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ ќе гостува театарската претстава „Јас сум актер – човек“, која е своевиден театарски перформанс во режија на Теа Беговска која е и автор на текстот.

Овој интерактивен театарски перформанс е несекојдневно доживување во кое публиката станува дел од приказните на актерите. Човек ли сум? Актер ли сум? Актер-човек или човек-актер? Кога си сам со себе си еден човек, кога си надвор си многу луѓе. Овој перформанс обработува мигови од животот на еден човек, што прави кога е сам со себе дома.

Театарскиот перформанс „Јас сум актер – човек“ зборува за човечката осаменост, за љубовта, за тоа колку се сакаме себе си, колку го сакаме другиот до себе. Сето она што се плашиме да го изговориме на глас, овие луѓе актери ќе го кажат. Публиката е дел од овие приказни, таа ќе биде сведок на секој миг што човекот го поминува кога е сам со себе. Улогите ги толкуваат: Никола Кузелов, Надица петрова и Даријан Петров, музиката е на Енес Беговски, а дизајнот на плакатот на Стефани Христов.

Ми.М.