Димитар Пандев ќе зборува за женскиот поетски стимул во македонскиот 19 век, Весна Мојсова-Чепишевска за првите дами на модерната македонска поезија, а Милица Димитријовска-Радевска за традицијата и иновациите во женското писмо во 21 век
Книжевен настан посветен на творештвото на македонските жени писатели ќе се одржи денеска, со почеток во 12 часот, во Друштвото на писателите на Македонија, а во рамките на настанот ќе биде доделена и плакетата „Даница Ручигај“ за 2019 година на Марина Мијаковска за збирката „Коскена“, со критички осврт на Славица Дабевска Ќировска.
Излагања ќе имаат Димитар Пандев на темата „Женскиот поетски стимул во македонскиот 19 век“, Весна Мојсова-Чепишевска ќе зборува за првите дами на модерната македонска поезија, а Милица Димитријовска-Радевска за традицијата и иновациите во женското писмо во 21 век. Ќе се одржи поетски рецитал на авторките од Битолскиот книжевен круг: Елизабета Јончиќ, Весна Мундишевска-Велјановска, Даниела Андоновска-Трајковска, Гордана Стојаноска и Милица Димитријовска-Радевска.
Плакетата „Даница Ручигај“ ѝ се доделува на жена писатела за стихозбирка објавена во тековната година, а во чест на македонската поетеса Даница Ручигај, која трагично го загуби животот во скопскиот земјотрес во 1963 година. За годинашната лауреатка, селекторката Славица Дабевска Ќировска во своето образложение за изборот истакнува: „Поетесата во некои песни метафорично го оживува тајнописот на Анте, а од неговите лавиринти на зборови ги собира долините, реките и македонските планини, апелира за љубов, за свој мир, и за можност и во светот на тагата да има некакво решение, и за тоа дека помеѓу тие две крајности ништо друго и не постои.
Гледам од овие стихови дека творечката сила на Мијаковска е во полн напон. Знам дека песните од оваа збирка долго ќе се чуваат од заборав, а вековната потрага по складни геометриски кругови ќе се открива и понатаму“.